Коментари

(ВИДЕО) Адвокатка “удри” по потенцијалните шефови: На моменти беше мачно да се слуша како обвинителите се мачат

Добар обвинител мора да се чувствува како во своја кожа кога зборува, а не како во нечија туѓа, некоја што ја облекува како тогата, како зборувањето да му е наметната униформа за работа, вели Сузана Јошевска Анастасовска која работи како адвокат.

„Кога обвинител зборува, аргументира, дебатира, поентира, тоа треба да излегува од него како добро научена и извежбана песна, бидејќи тој треба да го претставува во секоја минута интерниот мотив за гонење криминал и задоволување на правдата.

Дека недела, ја изгледав единствената дебата помеѓу три од четирите пријавени кандидати за шеф на ОЈО ГОКК.

На моменти беше болно да се слуша како обвинителите се мачат кога бираат зборови како да се изразат, па не можат да се доискажат, не можат да довршат почната реченица, а камоли да поентираат. Не сакаат да се замерат со никого (чувај боже!), па во сред реченица ќе се сетат- “Упс, ова оди во погрешен правец, некој ќе ми се налути”, па си ставаат “автофусноти” , исклучоци и некакви квази-извинувања за кажаното што демонстрира отсуство на одлучност и самодоверба во изразувањето став. Контрадикторни се сами на себе (ова особено во делот на политичките притисоци каде остана нејасно што мислат, не се долови ниту една поента, а уште помалку план за справување).

Некои ќе речат отсуство на елоквентност и ораторски вештини не се важни за таа функција, треба да знае добро да го менаџира обвинителството и да одолее или да се справува со мешањето на политиката и бизнисот.
А како ве молам, ќе го направи тоа? Како ќе знаеме дека некој може професионално да менаџира и одолее на крупни “ѕверки” ако јавно, под стрес и кога му е важно тешко успева да состави автономна проширена реченица? Ако вербално не умее да изрази јасен, категоричен и цврст сопствен став?

Кај нас добри менаџери се само милениците на власта која во моментот кога се назначуваат е актуелна. Истите тие, во оној момент кога ќе престанат да бидат миленици од разни причини, на истата или следната власт, стануваат обични.

Оти лесно е да испорачаш резултат кога сите кои треба да те поддржат се насочени да ти го дадат. Не ти треба ниту елоквентност ниту способност.

Затоа бираме “блиски до власта”, па после не знаеме како да се справиме со предизвиците.

На ОЈО ГОКК му требаат човечки ресурси и пари, не дружба и љубов и разбирање. Му треба цврста рака да го води и паметна и упорна глава да ги научи институциите која е неговата улога и како спрема него треба да се однесуваат.

Ова е огромна одговорност што бара човек кој ќе организира но и мотивира и инспирира обвинители кои ќе најдат баланс помеѓу натчовечка ревност и човечка пристојност, кои ќе сакаат праведност, а не жртви на прогон и решени предмети за статистика, кои му служат на законот, а не на сопствените амбиции и кои ќе пристапуваат кон извршувањето на овие задачи со понизност и скромност“, вели таа.

На почеток