Ескобар: Црна Гора блиску до институционален колапс
Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, предупредува дека Црна Гора е блиску до институционален колапс.
Тој посочи на „многу можни последици“ доколку Црна Гора не ја реши повеќемесечната длабока политичка и институционална криза.
„Црна Гора е во многу длабока криза. Блиску е до институционален колапс каков што речиси и не сум видел во ниту една земја. Нема влада. Две влади паднаа и нема напредок во формирањето на друга. Тие немаат кворум во Уставниот суд кој би можел да потврди нови избори“, рече Ескобар.
Тој потсети дека мандатот на претседателот Мило Ѓукановиќ истекува напролет и дека претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ неодамна распиша претседателски избори за 19 март.
„Може да се случи да немаат претседател да им го довери мандатот, да немаат влада која ќе оди напред и Уставниот суд да ги одобри сите одлуки и да ги потврди изборните резултати“, предупредува Ескобар.
Тој во интервју за Гласот на Америка потенцира дека главна задача е веднаш да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд, „а потоа да се оди на избори“.
„Тие треба да почнат со Уставниот суд. И надвор од тоа, веруваме, и анкетите покажуваат дека огромното мнозинство граѓани сакаат нови избори. И од тука треба да почнат“, објасни тој.
Ескобар, повикувајќи се на мислењето на Венецијанската комисија, нагласи дека секоја идеја дека „Уставот се менува со просто мнозинство“ е многу опасна.
„Веќе кажавме дека не сме сигурни дека тоа ќе биде уставно валидна влада. Не сме сигурни дека би можеле да се потпреме на одлуките на таква влада. Ги охрабривме да не го прават тоа“, рече тој.