Македонија

„Наместо оставки спремајте си одбрани, ќе играте фудбал во Идризово”, пораки до ДУИ од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

„Наместо оставки спемајте си одбрани, ќе играте фудбал во Идризово”, пораки до ДУИ од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Министрите можат и пресуди да си потпишат. Оставките ќе ви ги завери народот на избори. Ќе играте фудбал во „Идризово“… Вака дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи ги коментираат оставките што ги депонираа вчера министрите од ДУИ, со најава дека ќе станат активни во моментот кога опозицијата ќе ги поддржи уставните избори во Собранието.

dobivaj vesti na viber

Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска вели: „Министриве можат и пресуди да си потпишат, нивен проблем“.

На социјалните мрежи таа пишува дека проблем на народот е нивниот криминал, нивното беззаконие, нивната алчност, нивната неписменост да прават и потпишуваат штетни договори за Македонија.

„Овие проблеми ќе се решат, одговорност ќе има! Дополнително, како на мало дете, да повториме за власта во заминување: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата НЕМА да гласаат за уставни измени под бугарски диктат“, вели Стаменкоска-Трајкоска.

Оставките ги коментираше и пратеникот во Собранието, Мирче Аџиоски.

„Евтини трикови не ви проаѓаат повеќе. Оставките ќе ви ги завери Македонскиот народ на следните парламентарни избори, после кои, следната утакмица фудбал ќе ја изиграте во Идризово“, рече тој.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на министрите од ДУИ им порача наместо оставки, да си подготват одбрани.

„Доста глумење жртви, разум и европски вредности, зашто вие сте сѐ, освен тоа. И, да, може и фудбал да ви дозволат да играте во затвор, се разбира – ако сте послушни“, вели таа.

Пратеникот Миле Лефков смета дека министрите не се учесници во процесот на менување на Уставот, и со оставките, ја злоупотребуваат својата положба.

„Министерските места кои си ги користеа за бизниси, за рекет, за провизии, за обезбедување на блиски од денес јавно се користат и за ПОСРЕДУВАЊЕ при спроведување на туѓи барања! Министрите НЕ се учесници во процесот на менување на Уставот, со ова, ја злоупотребуваат својата положба и се обидуваат ПРОТИВПРАВНО да ПОСРЕДУВААТ во туѓ интерес! Кривично дело по дефиниција! Противправно посредување чл 359 КЗ
(2)Тој што со искористување на својата службена или општествена положба или влијание ке посредува да се изврши службено деіствие што не би смеело да се изврши, ке се казни со затвор од шест месеци до пет години“, напиша тој.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера објави дека министрите од оваа партија ги доставиле своите оставки до премиерот Димитар Ковачевски, но ќе важат од моментот кога уставните измени ќе поминат во Собранието.

Ахмети образложи дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, откако ВМРО-ДПМНЕ пред два месеца постави неколку услови за да гласаат за уставните измени, меѓу кои и ДУИ да излезе од Владата.

Владејачкиот СДСМ вчера излезе со став дека со оставките исполнети се сите услови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, па сега тој е на потег и одговорноста е кај него.

Опозициската партија повика на брзи избори.

Макфакс

На почеток