Македонија

Разрешена Стевановиќ од Инфективна, во фотелјата седна сопартиец на министерот

Доктор Милена Стевановиќ е разрешена од директорската функција на Инфективна клиника, потврдуваат од Министерството за здравство за „Скопје1“. Министерот Фамир Меџити, одлуката за нов в.д. директор ја потпишал денеска на крајот од работното време. На нејзиното место е назначен Фадил Цана, инфектолог, кој е сопартиец на министерот.

Од Министерството за здравство за „Скопје1“ велат дека утре ќе ја образложат одлуката за именување на Цана, но и зошто Стевановиќ повеќе не е директор на Инфективна клиника. Стевановиќ помина седум години менаџирајќи ја Клиниката, од кои, три години беше директор за време на ковид-кризата. Таа е виден член на СДСМ и се споменуваше како можен кандидат за градоначалник на Центар за последните локални избори.

Доцна вечерва се обидовме да стапиме во контакт и со Стевановиќ, но не добивме повратни одговори на нашите прашања.

В.д. директорот Цана, беше еден од можните кандидати за министер за здравство од редовите на партијата на Арбен Таравари. Но наместо него, на фотелјата седна Меџити, кој сега го назначи за директор.

На почеток