Што „матно“ се случуваше во февруари: Џафери платил казна и продолжил против законот, предмет за Коневски до Обвинителство
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“. Ви пренесуваме во целост:
1. Автопатот Кичево-Охрид, најголема инфраструктурна инвестиција со “децениска“ изградба – И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево – Охрид не е изградена. Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва, стои во извештајот на ДЗР.
2. ДКСК бара одговорност од Фондот за иновации, незаконски доделувал грантови меѓу кои и на внукот на Али Ахмети – Антикорупционерите побараа од Владата да утврди одговорност кај органите на Фондот за иновации и технoлошки развој, вклучувајќи го директорот Фестим Халили поради сомнежи за злоупотреба на законот поради доделените пет милиони денари на фирмите Тхор индустриес и Еверест ЏД, во сопсотвеност на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Злоупотребите велат се правеле противзаконски со кратењето на роковите за проектите, принцип по кој Фондот работел и во други случаи кои не се поврзани со Дрин Ахмети.
3. Џафери платил казна и продолжил да го прекршува законот – Талат Џафери го прекршил Уставот и платил казна поради неспоивост на функциите. Според антикорупционерите, Џафери иако бил претседател на Собранието истовремено членувал и во партиските органи на ДУИ, поконкретно во претседателството на Генералниот совет на партијата. Од Антикорупциската комисија прашале дали и покрај платената казна Џафери се уште извршува партиска функција, но од ДУИ одговор не добиле.
4. Антикорупциска ќе достави предмет до ОЈО за Ивица Коневски – ДКСК донесе одлука да достави предмет до Основното јавно обвинителство, како и до Финансиска полиција, против екс градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, за искористување на градоначалничката функција и да го смени деталниот урбанистички план кај Мајчин дом и на местото каде било впишано зеленило, да се впише 9-катница. Од Антикорупциска го сомничат Коневски дека за лична корист – добивање на деловен простор од 312 метри квадратни, ја искористил функцијата градоначалник и место зеленило, нацртал зграда.
5. ДКСК предметот „ДУП-от за Треска“ го затвора и го предава на обвинителството – На последната работна седница, пред да ги отстапат функциите на своите наследници, овој состав го затвори и предметот за начинот на планирање на ДУП-от за „Треска“. На обвинителството му го предава предметот со констатирани сомнежи за корупција на фирмите кои пред 10 години го изработиле планот, за општината да го усвои спротивно на генералниот урбанистички план.