Од 27 септември Македонија го започнува скрининг процесот за пристапување во ЕУ. Во Европската Комисија во Брисел во четврток заминува 40 члена делегација составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи. Почетокот на т.н објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Макеоднија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ, рече Османи.
„Од страна на ЕК ќе биде презентирано првото поглавје од преговорите за правосудството и фундаменталните права, т.е поглавјето 23 со што и формално почнува скринингот, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ“, рече Османи.
Отворањето на првото од 33 поглавја од првата фаза значи дека ќе има 33 посети на Брисел или над 1.000 луѓе кои ќе земат учество во овој објаснувачки скрининг.
„Во наредниот период ќе има засилено темпо и обврски но и можност да покажеме колку сме подготвени, како земја да се справиме со предизвикот за усогласување на стандардите на ЕУ“, вели Османи.
Преговорите помагаат државата кандидат да се подготви за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ но и унијата да се подготви за проширување. Преговорите за секое од поглавјата се засноваат на скрининг на националното законодавство и степенот на негова усогласеност со евроспкото право а ЕК спроведува детално испитување на секоја област, за да се одреди колку добро е подготвена државата и ги презентира пред државите членки во форма на Извештај за скрининг.
Заклучокот од таквиот извештај е препорака од ЕК, или директно отворање на преговорите или барање за исполнување на одредени услови пред да се отворат преговорите за соодветнбо поглавје.