Вицепремиерот за евроитеграции Бујар Османи информираше дека ја предал целата документација во СЈО, кое што отвори истрага за него во која се јавува како осомничен во истрагата со кодно име ,,Пациент”.
,,Веќе неколку дена откако, во рамките на нивната истрага од страна на СЈО го спомнаа моето име, постојано до мене пристигнуваат бројни прашања, како од мои блиски луѓе – роднини, пријатели, така и од новинари, заинтересирани страни, соработници итн. Во најголем дел, оние кои добро ме познаваат, ме контактираат за да ја изразат својата поддршка и доверба, но севкупно, сите покажуваат интерес за овој случај.
Сакам да повторам дека шпекулациите за овој случај ги имаше и претходно во медиумите, истите веќе неколку пати се појавија во јавноста и беа насочени директно да ја оцрнат мојата политичка кариера. Свесен за политичкиот ризик, јавно барав, во повеќе наврати, СЈО да отвори истрага и целосно да го расчисти овој случај, затоа што сум сигурен во чесноста на своите постапки, и не сакав шпекулациите да доминираат со јавниот дискурс. Во таа смисла очекував, уште во предистражната постапка, да бидам повикан од страна на СЈО, и да ги претставам фактите со кои располагам, секако, по можност, пред моето име да биде пласирано преку соопштение до сите медиуми како дел од истрагата”, изјави Османи на прес-конференција.
Тој вели дека изминативе денови собрал голем дел од документација, преку која смета дека се расчистува фактичката ситуација и јасно се гледа дека нема ниту индиции кои укажуваат на некакво незаконско работење, напротив, јасно се гледа дека одлуките се донесени законски и во интерес на сите граѓани.
,,Сакам да ве известам дека денес целата оваа документација е предадена во СЈО, а во наредниот период, дополнително ќе бидат доставени и останатите потребни и пробарани документи, со што, што се однесува до мене, овој случај е расчистен и набргу очекувам да биде и завршен. Од страна на претставниците на СЈО, добив уверување и позитивен пристап дека добиените материјали претставуваат значаен инпут за истрагата, и добив уверување дека, во соодветен рок, истрагата ќе биде заокружена, со што, пак, јас сум убеден, ќе се потврди дека нема никакво незаконско работење и што ќе помогне конечно и да запрат сите шпекулации кои се појавија во јавноста уште пред истрагата.
Владеењето на правото претставува еден од врвните вредности и принципи кои претставува и еден од најважните политички предизвици на кои сум посветен изминативе две години, период во кој, како заменик претседател на Владата го предводам Секретаријатот за Европски прашања. Сега веќе како главен преговарач со Европската Унија, уште повеќе сум посветен на имплементацијата на овие вредности и принципи во нашето општество, и моја намера е со сиот жар тоа да продолжам да го правам и во иднина. Дозволете во истата насока да порачам дека улогата на СЈО е од исклучителна важност за остварување на овие принципи, и без разлика на оваа условно, новонастаната ситуација, сакам да ве уверам дека мојата поддршка и охрабрувањето за оваа институција останува непроменета, напротив, денес уште повеќе верувам во нивната професионалност и неутралност.
А принципот на владеење на правото останува празен и бесполезен доколку не го почитуваме и принципот на пресумпција на невиност, а уште повеќе, во предистражните и истражните фази како оваа, т.е. додека сè уште не е ниту покренато обвинение, а каде јас очекувам истрагата да резултира со заклучок дека нема ниту основа за истото. Моето директно посочување, со име и презиме, од страна на обвинителството уште во оваа фаза претстава предизвик за мојата политичка кариера, но јас ќе дадам сè од себе да го зачувам принципот на пресумпција на невиност, да ги отстранам сомнежите за моето работење, и со тоа да докажам дека секогаш сум работел според законот и во интерес на граѓаните”, изјави Османи.