Македонија

Коцевски не се повлекува, Владата не се откажува: ќе се разгледува предлогот за разрешување

Владата денеска на седница ќе го разгледа предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Од владината прес-служба соопштија дека на седницата ќе биде разгледано мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители.

„Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем“, информираа од прес службата на владата.

Министерството за правда вели дека Коцевски треба да биде разрешен заради како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.

По ставот на Владата Советот пред себе ќе ги има образложени причините поради кои Владата сака да го разреши Коцевски и 15 дена да заземе став кој не е задолжителен за Собранието. Со 61 позитивен глас и покрај евентуално негативно мислење од Советот, Коцевски заминува од функцијата по само една година од изборот.

Претходно, Владата му посочи на Коцевски сам да се повлече од функцијата, за да не ја одолговлекува постапката, изразувајќи решителоност дека секако ќе го разрешат.

На почеток