Објавен е конкурсот за десеттата Меѓународна обука за млади лидери, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 11 до 24 февруари 2019 година.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба преку нивните вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Програмата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство, со еминентни предавачи од земјава и од странство. Наставата ќе се одвива на македонски и на англиски јазик.
Право на учество на конкурсот, што е отворен до 24 декември 2018 година, имаат сите млади од Република Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување и програмските активности ќе бидат покриени од страна на организаторите.
Условите за конкурирање предвидуваат апликантите да имаат одлично познавање на англиски јазик, додека просек еднаков или поголем од 8,5 на додипломски студии и работно искуство од минимум една година ќе се сметаат за предност.
Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на претседателот на Република Македонија, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за напреден степен за познавање англиски јазик и две препораки.
Конкурсот е објавен на веб-страницата и фејсбук-страницата на претседателот на Република Македонија.
Школата за млади лидери првпат беше организирана во август 2010 година во Охрид. Во изминатите девет години на школата учествуваа 360 млади луѓе со различна академска и професионална определба и над 200 предавачи. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде што преку организација на семинари, панел-дискусии, предавања и учества во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.