Амнестијата најверојатно ќе го претрка гласањето на уставните измени кое треба да се случи кон средината на јануари 2019-та. Предлог-законот е готов, до пладне тој сѐ уште не беше заведен во собраниската архива информираа од кабинетот на Талат Џафери, но од телото за помирување, пак, не ја исклучуваат можноста тој уште денеска да влезе во собраниска процедура. Обвинетите пратеници, пак, сѐ уште се воздржани. Речиси сите кои ги контакриравме дали ќе побараат амнестија одбија да се произнесат со објаснување дека законот прво треба да биде донесен, објави Плусинфо.мк.
Според одредбите во предлогот, веднаш штом ќе биде донесен законот целиот процес на амнестирањето би можел да се случи уште пред Нова Година или Божиќ. Имено, откако ќе биде донесен законот сите обвинети ќе имаат можност од пет дена да побараат амнестија, а судот врз основа на мислење од јавното обвинителство и врз доказите, за пет дена од добивање на барањето ќе одлучи дали ги следува амнестија или не.
Кажано народски, за спас од кривичен прогон, формален амин ќе треба да дадат прво обвинителката Вилма Рускоска, а потоа и судечкиот совет на чело со Добрила Кацарска.
Сепак, контурите за тоа кој ќе се амнестира, а кој не, ги исцрта телото за помирување кое го скоцкало законот водејќи се од тоа кој нема да биде опфатен.
Детали од предлог-законот синоќа објави „360 степени“.
„Одредбите од овој член не се однесуваат на лица осомничени, обвинети, правосилно осудени, како и лица кои издржуваат затворска казна за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на РМ од 27.04.2017 година,… кои до денот на влегување во сила на овој Закон сториле кривично дело Здружување заради непријателска дејност од член 324 ст.1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила или лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Кривичниот законик, убиство по чл.123, насилство по член 386 од Кривичниот законик“, пишува во еден од ставовите на член 1.
Ако обвинителката Вилма Рускоска остане на тоа, како што најавуваше и досега, дека нема да прави прекфалификација на делото (терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста) значи дека од актуелниот случај за „27 април“, кој е во тек нема да се спасат вработените во МВР, меѓу кои и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков, како и тие кои влегоа во Собрание со фантомки, со оружје, вршеа насилство… Во оваа група, според она што се посочуваше во текот на судскиот процес, би можеле да се сместат и Игор Југ, Јане Ченто, Горан Ангеловски Ќосето, Никола Митревски Кољо и др. Тука се и седумината осудени со првостепена пресуда за обидот за убиство на Зијадин Села кои добија од 10,5 до 13,5 години затвор, како и „кубачот“ на Радмила Шекеринска кој е осуден на четири години затвор за насилство.
Од друга страна, според првичните толкувања на сѐ уште необјавениот во целост закон, засега најизвесно е дека амнестија ако побараат ќе добијат петмината пратеници: Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“: Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски Бетмет и Борис Дамовски. Тука се и десетина лица кои уште пред околу шест месеци беа осудени за учество во толпа.
извор: Плусинфо.мк