Од наредната година во Царинската управа ќе почне да функционира новиот софтвер за обработка на царински декларации и акцизни документи со кој ќе се скрати времето на чекање на економските оператори и ќе се предизвикаат заштеди од околу 5,2 милиони евра за компаниите.
Пилот-проектот за новиот софтвер ќе почне да се применува во почетокот на февруари во одредени царински испостави. Овој систем се планира конечно да биде пуштен во употреба на крајот на вториот квартал од 2019 година.
– Наш најголем предизвик во наредната 2019 година е воведување на интегриран софтвер за изработка на царински декларации и акцизни документи. Со имплементацијата на овој софтвер се заменува веќе застарениот модел АСИКУДА кој функционира од 1994 година и кој претставуваше многу застои и проблеми како за економските оператори, така и за царински службеници. Сметаме дека со воведувањето на новиот софтвер во наредната година ќе се скрати доволно просечното време на чекање на економските оператори за четири часа со што ќе се предизвикаат заштеди од околу 5,2 милиони евра за самите компании. Ова од друга страна ќе ја зголеми конкурентноста на економски оператори и ќе придонесе до олеснување на протокот на стоки и патници по граничните премини и терминалите, изјави директорот на Цринската управа Ѓоко Танасоски.
Танасоски додаде дека приходите на Царинската управа годинава во однос на 2017 година се натфрлени за 11,1 отсто и до овој момент наплатени се околу 85 милијарда денари. Зголемените приходи, според него се должат на подобрување на царински процедури, подобрување на работата на царинските службеници и на финансиската дисциплина на економските оператори.