Свет

Украинa оспособи уште 20-тина борбени авиони благодарение на приливот на резервни делови

Украинското воено воздухопловство оспособи уште 20-тина борбени авиони благодарение на приливот на резервни делови, изјави висок припадник на американската одбрана.

Иако офицерот не сакаше да прецизира која земја ги испорача деловите за авионите, тој рече дека САД и другите земји работат на набавка на деловите потребни за украинската авијација.

Приливот на резервни делови и овозможи на Украина да ја прошири својата флота од оперативни воени авиони, и покрај континуираните руски напади.

Тие имаат повеќе авиони сега отколку пред три недели, рече тој.

Ден претходно портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека Украина добила дополнителни борбени авиони, пренесува Си-Ен-Ен.

Но, во средата, висок офицер за одбрана го негираше тоа, велејќи дека Украина не добила повеќе авиони, туку всушност добила делови за да ги направи функционални повеќе од нејзините постоечки авиони.

Сепак, тој навести дека барем една земја размислува да испрати повеќе авиони во Украина. Не е познато која држава понудила ваков вид помош.

САД се обврзаа да испратат 16 хеликоптери Ми-17 во Украина, но исто така одбија да учествуваат во трансферот на МиГ-29 од друга земја во Украина преку САД. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бараше борбени авиони МиГ-29 од советската ера, со кои украинските пилоти веќе знаат да летаат. Ниту една од источноевропските земји се уште не се согласила на тоа.

Во средата, официјалниот Твитер профил на украинските воздухопловни сили објави: „Украина не доби нови авиони од својот партнер! Со помош на американската влада, KpsZSU доби резервни делови и компоненти за обновување и поправка на авионската флота во вооружените сили, што ќе овозможи пуштање во употреба на повеќе опрема.“

На почетокот на март, еден одбранбен офицер рече дека Украина има 56 борбени авиони, од кои околу 80 отсто биле ловци со фиксни крила. Но, Украинците не ги користеа често своите авиони, испраќајќи ги на само пет до десет мисии дневно, рече тој.

На почеток