Актуелно

„Украинците се пожилави отколку што мислев“, вели Бајден

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека е импресиониран од силниот отпор на украинската армија.

Соединетите Американски Држави ветија дека ќе продолжат со воената помош за Киев за да може да „возврати“ во воениот конфликт со Русија, јавува Би-Би-Си.

„Тие се пожилави и погорди отколку што мислев“, рече Бајден во средата на состанокот со неговите врвни советници за одбрана.

Американскиот претседател оцени и дека „обединето, фокусирано и енергично“ НАТО го изненадило рускиот лидер Владимир Путин.

„Оружјето и муницијата пристигнуваат секој ден и гледаме колку се витални нашите сојузи и партнерства низ светот“, рече Бајден.

Се очекува САД во наредните денови да му обезбедат уште еден пакет воена помош на Киев, откако минатата недела и ветија на Украина 800 милиони долари, јави Би-Би-Си.

На прес-конференцијата во Белата куќа, портпаролката Џен Псаки не даде детали за тоа како би можела да изгледа понатамошната помош, но рече дека американската администрација ќе стори „се што може“ за да ја опреми Украина за ефикасно да возврати во овој воен конфликт.

На почеток