Актуелно

(ФОТО) Еден од најсмртоносните инциденти – пронајдени 46 мртви мигранти

Телата на најмалку 46 мигранти се откриени во приколка за камион во Сан Антонио, во американската сојузна држава Тексас.

Тоа е еден од најсмртоносните инциденти во трговијата со луѓе долж американско-мексиканската граница, објавија локалните власти.

Противпожарната служба на Сан Антонио соопшти дека во камионот, пронајден во понеделникот, покрај пругата на јужната периферија на градот, покрај куп тела, имало уште 16 лица кои се префрлени во болница поради топлотен удар и исцрпеност, меѓу кои и четири малолетни лица, пренесува Ројтерс.

Температурите во Сан Антонио, кој е на околу 250 километри од границата со Мексико, во понеделникот се искачија на 39,4 степени Целзиусови со висока влажност, забележува британската агенција.

Властите, исто така, соопштија дека три лица се во притвор по инцидентот. Мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард го нарече гушењето мигранти во камионот „трагедија во Тексас“ и на Твитер напиша дека претставници на мексиканскиот конзулат се на пат кон местото на настанот, иако националноста на жртвите се уште не е потврдена.

Рекорден број премини на мигранти на американско-мексиканската граница е забележан во последните месеци, што предизвика критики за имиграциската политика на американскиот претседател Џозеф Бајден, пренесува Ројтерс.

Во 2017 година десет мигранти загинаа откако беа превезени во тракторска приколка што полицијата на Сан Антонио ја откри на паркингот „Волмарт“, а возачот беше осуден на доживотен затвор следната година за неговата улога во шверцерската операција, наведува британската агенција.

На почеток