Твитер тврди дека ги решил проблемите со лажните профили
Претставниците на Твитер за медиумите изјавија дека секојдневно отстрануваат преку милион лажни профили од нивната платформа, како што пренесува Ројтерс.
Тоа е двојно повеќе од бројот што извршниот директор на Твитер, Параг Агравал, го наведе во мај, иако компанијата стои на својата долгогодишна позиција дека ботови сочинуваат помалку од 5 отсто од активната база на корисници на Твитер.
Бројот на лажните профили и начинот на кој Твитер се справува со нив станаа точка на расправа во последниве месеци, бидејќи Илон Маск се закани дека ќе се откаже од купувањето на компанијата, наведувајќи ја загриженоста дека компанијата го минимизира проблемот.
Твитер не одговори на барањата за коментар за тоа дали најновата метрика претставува ажурирање на статистиката од мај или дали е пресметано нешто друго. Според Гардијан, најновата бројка на Твитер вклучува корисници на кои не им е дозволено да креираат сметки и како такви никогаш не се бројат како корисници.
Твитер и Маск постигнаа договор за купување на компанијата во април за 44 милијарди долари. Меѓутоа, во мај, Маск твитна дека договорот е „на чекање“, сугерирајќи дека базата на корисници на Твитер може да биде 20 проценти или повеќе ботови. Тој побара од компанијата да докаже дека бројката од 5 отсто што ја објави е точна, а во јуни ја обвини компанијата дека крие информации, велејќи дека „транспарентно одбива да ги исполни своите обврски од купопродажниот договор“.