Свет

Западот пропаѓа, најави Путин и додаде: На Азија ѝ припаѓа иднината

Владимир Путин изјави дека западот пропаѓа поради залудниот и агресивен обид да ја изолира Русија со санкции кои ја уништуваат глобалната економија, додека на Азија ѝ припаѓа иднината.

САД и сојузниците ѝ ги воведоа најсериозните санкции во модерната историја на Русија поради инвазијата на Украина и Путин претходно кажа дека тие се налик на објавување војна.

Зборувајќи на Источниот економски форум во Владивосток, Путин кажа дека западните санкции ја заменија пандемијата на ковид-19 како главна закана за светската економија.

„Западните санкции се дрзок и агресивен обид да им се наметне модел на однесување на други земји, да им се одземе суверенитетот и да се потчинат. Во обид да се спротивстават на текот на историјата, западните земји ги поткопуваат клучните столбови на светскиот економски систем граден со векови. Нивната верба во долари, евра и фунти пропаѓа“, изјави Путин.

Обидот на западот да ја изолира Русија ја доведе светската економија во досега невидена ситуација со порастот на цените на храната и енергијата.

„Неповратни и тектонски промени се случија во меѓународните односи. Моќта на западот е во пад, додека клучниот раст се случува во Азија. Улогата на динамични, ветувачки земји и региони, првенствено во азиско-пацифичкиот регион, значително порасна“, кажа Путин.

На почеток