Свет

Претставниците на Киргистан и Таџикистан се договорија да ги прекинат судирите

Претставниците на Киргистан и Таџикистан денеска разговараа и се договорија да ги прекинат судирите на заедничката граница додека траат преговорите меѓу двете страни.

Договорено е за време на прекинот на огнот, кој започнува денеска во 10 часот по локално време, претставниците на двете гранични служби да одржат средба, јави руската агенција Тасс.

Киргистан претходно соопшти дека таџикистанските сили повторно отвориле оган врз неколку нејзини гранични пунктови по кратката пресметка оваа недела, што претставува нова ескалација на тензиите меѓу двете земји, објави Ројтерс.

Киргистанските војници возвратија со оган за време на овие инциденти, кои се случија долж целата граница, соопшти граничната служба.

Во својата изјава, Таџикистан ги обвини киргистанските сили дека гранатирале една од нивните гранични пунктови и седум села со „тешко оружје“.

Еден цивил загина, а тројца се повредени, соопштија властите во таџикистанскиот град Исфара.

Претседателот на Киргистан Садир Жапаров и претседателот на Таџикистан Емомали Рахмон учествуваат на регионалниот безбедносен самит на Шангајската организација за соработка што се одржува на 15 и 16 септември во Узбекистан.

Киргистанските и таџикистанските сили размениле оган и во средата, по граничниот спор меѓу двете централноазиски земји, а во таа прилика еден таџикистански граничен чувар е убиен, а двајца други се повредени, потврдија официјални лица од двете страни, објави Ројтерс.

Руските воени бази се стационирани во двете земји, а Бишкек и Душанбе одржуваат блиски врски со Москва, која повика на прекин на непријателствата оваа недела.

На почеток