Судијката од „Рекет“ сака да стане Апелационен судија, има ли лобирање и конекции со СДСМ
Судијката Васка Николовска-Масевска која го судеше случајот „Рекет“ сега сака да стане апелациски судија. Јавноста за нејзе не знаеше се додека во нејзини раце не беше распределен овој предмет каде ги осуди Катица Јанева и Бојан Јовановски на високи затворски казни. Поради ова, се провлекува прашањето, дали бирањето на Николовска-Масевска за второстепен судија ќе треба да биде нејзина награда за „Рекет“, а имајќи во предвид дека со функцијата ќе добие поголема моќ.
Во јавноста се шпекулира дека многумина кандидати имаат свои лоби групи, а зад дел од нив стојат и политичари кои агитираат за глас повеќе од Судскиот совет. Судијката Николовска-Масевска е во роднинска врска со претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев. Додека пак, Џолев беше поврзуван со СДСМ и експремиерот Зоран Заев од страна на опозицијата која пак велеше: „Зоран Заев наредува, Иван Џолев спроведува“.
Судијката Николовска-Масевска во моменти кога треба да биде избрана на повисока функција за која конкурирала, има и блиски конекции со СДСМ. Нејзиниот сопруг беше соработник на градоначалникот Петре Шилегов, односно вработен во Град Скопје како советник за стратегија и развој. Воедно, сопругот на оваа судијка и отворено агитираше за партиски пропаганди на СДСМ.
Гласањето на судии во Апелација, меѓу кои кандидати е името на Николовска-Масевска доаѓа во време кога во Судскиот совет имаше промена на претседател. Павлина Црвенковска, поднесе оставка од претседателската функција и обвини дека судско-бизнис елита врши влијанија врз членовите. Токму овие членови, ќе треба да дадат глас за судијката која го водеше „Рекет“ да добие повисока функција.
Судскиот совет ќе бира судии во Апелација во време кога е обвинуван дека постапува по партиски директиви. Последен случај беше изборот на Весна Дамева за претседателка на овој совет, која пак, претходно била фотографирана со експремиерот Зоран Заев. Членовите и овојпат ќе бидат исправени пред предизвикот, дали ќе одлучуваат според закон или според лобирање.