Гаши: Мое право е да се среќавам со Заев, ме следат служби на СДСМ и ДУИ
Лидерот на Алтернатива Африм Гаши по објавената заедничка фотографија од средбата со поранешниот премиер Зоран Заев во Струмица, објави дека нема ништо спорно во тоа да се сретнува со политичари и нагласи дека симптоматично е тоа што го фотографираат и следат, како што вели тој, служби на СДСМ и ДУИ.
„Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?“, напиша Гаши.
Пратеникот Скендер Реџепи, инаку поранешен сопартиец на Гаши, ја објави фотографијата со статус „Прашање за 1 милион евра – што побара денес Африм Гаши од Зоран Заев и зошто мораше да оди дури до Струмица?“.