Како дојдоа и што ветуваа, а што направија: „Може да се оцени и третира како предавство на државата и народот“
Ексминистерот за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини ја обвини власта за предавство на народот и државата. За него не е во ред да се откријат илјадници криминали, да се основа и уништи СЈО, а криминалот да остане.
„Да откриеш илјади кривични дела врзани и кои произлегуваат од тајно прислушување на удба, да најавиш дека на сите вмешани во криминал и корупција, кога ќе дојдеш на власт ќе им се суди и “ќе си лежат”, со поддршка на ЕУ и САД да формираш Специјално Обвинителство за гонење на овие кривични дела, а по преземањето на власта да го забраниш објавувањето на “бомбите” во кои се содржани овие информации, да го укинеш СЈО и да не заврши ниту еден од најкрупните случаи осум години од неговото формирање, може да се оцени и третира како предавство на државата и народот“, напиша тој.
На крај, Хајредини додава: „И, на крајот, како сето ова да не беше доволно, власта, наводно за усогласување со ЕУ, со дрска злоупотреба на европското знаменце, успеа да ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се амнестираат криминалните функционери кои за лична корист ја злоупотребиле службената положба“.