Во конкуренција со 11 документарни филма од целиот свет, „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска освои три оскари на „Санденс“, за најдобра кинематографија, нагарада од специјалното жири и награда од главното жири.
Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал.
На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, „Медена земја“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).
Листата на победниците на „Санденс“ можете да ја видите овде.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на ресурсите на Земјата.
Музиката на „Медена земја“ е на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија.