Колумнистот Бесими, во слободно време министер за финансии
Министерот за финансии Фатмир Бесими, освен раководењето со тешкиот и одговорен сектор- финансии, има време редовно да објавува колумни во кои го пласира својот став за одредени економски прашања. Ваквата пракса на себепромоција, тој не ја напушти и додека десетици ресори протестираа и бараа покачувања, кои надлежните не можеа да им ги овозможат правдајќи се дека Бесими кочи се. Решение за достојни плати и годинава нема, колумни – има.
Иако колумните се изразување на личен став, сепак, овие на Бесими, до медиумите ги препраќаат од Секторот за односи со јавност на Министерството. Овој сектор е тешко достапен кога во прашање е барање на информации од медиумите, која е и примарната функција. „Скопје1“ испрати барање до нив пред 21 ден по кое не постапија до денеска.
На веб-порталот од Министерството има и посебна категорија за себепромоцијата на Бесими, која е позиционирана на почетната страница, високо горе. Скоро секоја колумна е илустрирана со фотографија од неговиот кабинет, каде министерот позира.
И денеска беше испратена колумна во која Бесими констатира: „Најтешкото е зад нас“.
Во текстот најавува и нова следна колумна во која ќе се надоврзел на градењето на економија која испорачува забрзан, инклузивен и одржлив развој, кој ни е потребен за обезбедување на попросперитетен живот за граѓаните.