Скопје

„Ја разбираме жедта за кавги и намерата да дојде до израз“ – Ѓорче нема депонирано отпад во дивата депонија откриена од Арсовска

Немаме депонирано отпад на посочената локација од скопската градоначалничка Данела Арсовска, тврди Општина Ѓорче Петров. Случајот и го нарекоа „помпезен“, а тврдат дека се решава во пет минути, доколку се јават на директорот на ЈП Комунална Хигиена-Карпош. Ова доаѓа откако Арсовска, која вообичаено не се појавува пред медиумите, излезе да открие, како што вели – „екоцид“.

„Ја разбираме потребата и жедта за политички пресметки и кавги на градоначалничката Данела Арсовска, и намерата преку тоа да дојде до израз, бидејќи со работа и проекти тешко, но мораме да потенцираме дека и оваа нејзина помпезна прес конференција е промашена.

Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии. Напротив Oпштината го чисти таквото ѓубре.

За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП Комунална хигена во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад.

Големиот помпезен случај на Арсовска, се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие.

Катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената, неуредените зелени површини, нема да ги покрие со политички мотивирани прес конференции.

Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето на ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот, па на следната прес конференција да се пофали со некој изграден булевар, почист воздух или пак решение на чекањето по повеќе часови на автобуски превоз, кој секако согласно нејзините заложби треба да биде бесплатен“, велат од Кабинетот на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

На почеток