Македонија

(Видео) Малку на македонски, малку на албански: Џафери ја презентираше програмата со „голи ветувања“

Мандатарот Талат Џафери кој бара Собранието да ја изгласа техничката Влада, тврди дека ќе постапува согласно законите и дека ќе биде одговорен на функцијата технички премиер. Според него, Владата ќе биде функционална. Пола од говорот на Џафери беше на македонски јазик, а пола на албански јазик. Џафери зборуваше дека ќе има одлични економски политики, дека ќе има владеење на правото, но и борба против корупцијата.

„За мене не е важно дали е техничка Влада или за 100 дена, јас оваа одговорност ја сфаќам онака како што сум пристапувал кон секој предизвик кој сум го имал во животот. Сакам да Ве уверам дека нема да дозволам да отстапиме од она што значи функционална и одговорна институција“, кажа Џафери во експозето.

Тој посочува дека Владата до изборите и идната политичка Влада, ќе се фокусира на стратешките приоритети.

„Јас и Владата која ќе ја предводам ќе продолжиме со целосно ефикасно спроведување на ефикасните политики, врз основа на стратешките определби“, додаде Џафери.

Тој кажа дека нема да има промена ниту на фискалната политика, дека ќе има субвенции за електрична енергија.

„Борбата против неформалната економија нема да престане. Остануваме посветени на промената на енергетската структура на државата, користејќи го потенцијалот кој го поседува државата. Завршување на најголем дел од проектите остануваат прироитет на државата“, додаде Џафери.

Помош од Владата, според Џафери, ќе добијат земјоделците, но и сите општини.

„Ќе обезбедиме навремена исплата на пензиите и ќе има поддршка за пензионерите“, посочи тој.

„Скопје1“ пишуваше за програмата на Џафери:

Многу „ЌЕ“, голи ветувања без содржина, што наброја дека ќе сработи преодната Влада за „цели“ 100 дена

На почеток