Нема пречка за екстрадиција на Палчо да заврши брзо, предметот во „сериозна“ фаза
Нема нови осомничени лица во истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а се чека на екстрадацијата на осомничениот планер и реализатор, Љупчо Палевски-Палчо. Шефот на Основното јавно обвинителство-Скопје, Гаврил Бубевски, кажа дека не знае дали е најдено оружјето со кое двете жртви биле убиени, бидејќи тоа е податок кој го има само обвинителката која го работи предметот.
„Јас не ги донесов обвинителите кои го работат предметот (на брифингот), немам детали конкретни. Меѓутоа, предметот сега е веќе во некоја средна-сериозна фаза, а веројатно за брзо откако ќе заврши екстрадицијата ќе има нешто“, рече Бубевски.
Појасни дека се очекува екстрадицијата на Палчо брзо да заврши.
„Ние сите очекуваме брза екстрадиција. Пример, нашите екстрадиции, ние кога ги испорачуваме луѓето, траат многу брзо. Тие се стварно брзи. Јас турскиот правен систем…. Во овој случај не гледам пречка и воопшто не гледам пречка.. Не сфаќам зошто некој, за такво кривично дело би направил некаква рамка за испорака“, додаде Бубевски.