Свет

Хорор во Ерусалим: Група напаѓачи почнала да пука на автопат, има мртви

Еден Израелец е убиен, а осум се ранети по пукање на автопат на влезот во Ерусалим, потврди израелската полиција во четвртокот рано наутро.

Според „Џерусалим пост“, тројцата напаѓачи се убиени на лице место, соопшти полицијата. Тие се идентификувани како Палестинци, а според првичната истрага, двајца од нив се од Витлеем. Според првите извештаи, напаѓачите ја искористиле гужвата на автопатот. Тие дошле со две посебни возила вооружени во кои имало пушка М-16, митралез Карло и гранати. Тие потоа излегле од возилата и почнале да пукаат кон луѓето во автомобилите.

Службите за итна помош во моментов се на терен и им помагаат на повредените.

Меѓу ранетите има две жени на возраст од 23 и 30 години, заедно со 23-годишен маж кој е во тешка состојба и двајца мажи на 40-годишна возраст.

Според претседателот на локалниот совет на Ефрат, Одед Ревиви, тој автопат е познат по постојаниот сообраќаен метеж.

„Веќе подолго време контактиравме со Министерството за национална безбедност, Министерството за безбедност, ИД и полицијата, предупредувајќи ги за однесувањето на контролниот пункт во тунелот. Овие сообраќајни метежи се рецепт за планирање напади врз Израелците кои чекаат во сообраќајот“, рече Ревиви.

На почеток