Нов послаб потрес во Црна Гора
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Црна Гора, а неговиот епицентар беше во истото подрачје каде пред два дена беше регистриран силен земјотрес кој ги вознемири жителите на таа земја, но и целиот регион. Како што соопшти Црногорскиот сеизмолошки институт, во саботата во 6 часот и 11 минути е регистриран помал земјотрес со епицентар на четири километри југозападно од градот Чараѓе во општина Никшиќ и на длабочина од 14 километри.
„Јачината на овој земјотрес во фокусната точка беше 3,6 степени според Рихтеровата скала, така што овој земјотрес не можеше да предизвика материјална штета во епицентралното подрачје“, велат црногорските сеизмолози.
Црна Гора во четвртокот ја погоди земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика мала материјална штета во селата во општина Никшиќ и ги вознемири жителите на Црна Гора, како и жителите на Босна и Херцеговина и Хрватска. По тој земјотрес во истото подрачје се случија уште 30 помали потреси. Во април 1979 година Црна Гора беше погодена од катастрофален земјотрес со интензитет од седум степени според Рихтеровата скала, во кој загинаа 101 лице.
Според податоците на EMSC, епицентарот бил на 76 километри источно-југоисточно од Мостар и 22 километри североисточно од Билеќа.