Македонија

(Видео) Која е вистината за 27 април: осудените најавуваат дека имаат што да кажат, протекуваат нови информации

Седум години поминаа од крвавите случувања од „27 април“, осудените и натаму бараат правични судења и одговорност според тоа што го сториле, за СДСМ правдата е дојдена, а ВМРО-ДПМНЕ ветува дека кога ќе дојдат на власт ќе се суди според закон. За тоа време, 16 лица издржуваат казни од шест до 16 години. Сите се сместени во различни затвори – од Скопје, до Штип, па и Прилеп.

Последен во низата кој излезе во јавност со порака е Јане Ченто кој доби 13-годишна затворска казна. Кажа дека не сака милост, туку правда. Да одговара за тоа што го сторил, а не за тероризам.

„Ќе ги скршиме канџите за неправдата од 27 април, кога и да е, за брзо и да е. Има многу што да кажеме. Седум години ве лажеа сите, имаме многу што да кажеме. 7 години СДС тераа лажна пропаганда, за брзо ќе дојде вистината. Сонцето на слободата изгрева. Седум години под окупација, седум години лаги и пропаганда. Седум години лаги, за брзо време ќе ја чуеме сите вистината за 27 април“, кажа Ченто.

Горан Ангелов-Ќосето, пак, сподели фотографија од неговата ќерка која во рацете држи натпис „Слобода за тато“.

И Игор Дурловски кој доби ослободителна пресуда, смета дека владее неправда. Кога СДСМ го изгубија првиот круг од претседателските избори, напиша: „Многу луѓе под седумгодишен политички прогон за првпат вечерва ќе можат помирно да спијат. Слава ти Господе!“.

Осудениот Митко Пешов, по првиот круг од претседателските избори, напиша: „Седум години го чекавме овој момент. Фала ви Македонијо“.

Најново, поврзано со овој случај се пораките кои Боки 13 ги читаше пораки за 27-април, а за кои тврди дека ги разменувал со обвинителката Вилма Русковска.

Потоа, посочи дека на 13.03. бил во комуникација со Русковска, на два дена пред пресудата за 27-април.

„Таа ги знаеше пресудите за 27-април пред судот да ги изрече и да донесе пресуда. Јас ѝ пишувам: ‘Утре ќе ја пренесуваме пресудата за 27, цела’, Вилма враќа: ‘Ќе биде интересно, највисоки казни, после ќе давам изјава’. Јас враќам: ‘Значи Кацарска ќе направи лом’, Вилма вели: ‘Лом, лом, ќе видиш’. Јас ѝ викам: ‘Дај некоја ексклузива’, јас ѝ барам ексклузива на телевизијата. Она ми одговара: ‘Само една ослободителна, другите сите високи’. Русковска: ‘После пресудата ќе ја бараме Кацарска да гостува’ и точно, дојде кај Гордана Дувњак да гостува во емисија. Таа ми изнесува пресуда пред пресудата да биде изнесена. Потоа ми зборува за директори кои што ќе бидат ексклузивно апсени за две недели итн“, рече Јовановски.

Во меѓувреме, се појави уште една нова информација во јавноста. Покрај обвинението дека ВМРО-ДПМНЕ го организирале упадот, новинарот Кристијан Ландов, во подкастот „Без лимит“ кај јутуберот Стефан Лазаров, кажа дека вмровец го спасил Зијадин Села, а подоцна и го евакуирал.

За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

Предметот „27 април“ и маратонските рочишта беа нотирани и во месечните извештаи за состојбата со човековите права на невладините организации. Дел од граѓанските организации кои го следат правосудството нагласија дека во судскиот процес се постапува на штета на обвинетите, особено во делот на динамиката на судскиот процес и неможноста за адекватна подготовка на сите учесници во постапката.

На почеток