Пендаровски: Квалитетни, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста на креирање на јавното мислење се силен глас на јавноста
Претседателот Стево Пендаровски упати порака на Светскиот ден на слобода на медиумите:
@Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.
Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.
Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање.
На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите“, стои во пораката од претседателот Стево Пендаровски.