Кој ќе се офајди од прегласувањето во среда, ЛДП, Вреди, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ ќе остане на исто


Во среда, на 22 мај ќе се исцрта комплетната слика и ќе се знае кој колку дефинитивно добива од изборниот парламентарен колач.
И покрај жестоките реакции, па дури и закани од досега неприкосновените ДУИ и Али Ахмети, може да се случи да загубат двајца пратеници и да останат трета партија со 17 пратеници.
Управниот суд ги отфрли како неосновани сите седум тужби на Европскиот фронт кои беа поднесени против решенијата на Државната изборна комисија.
Ќе се прегласува на седум избирачки места, односно шест во петтата изборна единица – на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во изборната единица 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, до 00:00 часот.
Вкупниот број на запишани гласачи на шесте избирачки места во ИЕ 5, каде ќе се прегласува е 3.521 избирачи, што може да влијае на промена на резултатот.
Според математиките, доколку коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 300 гласови повеќе од резултатот на 8 мај, тогаш таа партија може да го добие единаесетиот мандат, на сметка на ДУИ кои би го изгубиле четвртиот мандат во оваа изборна единица.
Бројчано поголеми се шансите за мандат на кандидатот од ЛДП, од коалицијата со СДСМ, доколку неговата коалиција освои 110 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш пратеник би станал Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ.
Според сегашната состојба, мандат добија тројца од СДСМ, четворица од ДУИ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ, и по еден од Левица, Вреди и Знам.
ДУИ во 6-тата изборна единица освои 9 мандати наспротив 7 на Вреди, но доколку разликата на ова избирачко место се зголеми за дополнителни 80 гласа, тогаш Вреди ќе добие уште еден мандат и ќе се изедначат со по 8 пратеници.
