Свет

Во Русија се одржа првото рочиште за судењето на Гершковиќ, следното е закажано за 13 август

Во Русија денеска се одржа првото рочиште од судењето на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет за шпионажа, кој беше изведен пред Регионалниот суд во Свердловск во Екатеринбург.

Се одржа зад затворени врати, а на судењето присуствуваа генералниот конзул на САД Стјуарт Вилсон и вицеконзулот на американската амбасада во Руската Федерација Мајкл Дарбинјан, пренесува РИА Новости. По сослушувањето, прес-службата на судот соопшти дека Регионалниот суд во Свердловск ќе продолжи да го разгледува случајот на новинарот на Волстрит журнал на 13 август.

Гершковиќ (32), американски новинар кој беше уапсен во март 2023 година, помина речиси 15 месеци во истражниот затвор Лефортово под обвинение за шпионажа. Според руското обвинителство, новинарот на Wall Street Journal (WSJ) е обвинет во Русија дека, по инструкции на ЦИА, собрал „тајни информации во регионот Свердловск за активностите на одбранбената фабрика НПК Уралвагонзавод АД за производство и поправка на воена опрема“ во март 2023 година.

На 30 март 2023 година, руската ФСБ објави дека Гершкович бил уапсен во Екатеринбург под сомнение за шпионажа за американската влада.

Гершкович е првиот американски новинар кој е уапсен во Русија под обвинение за шпионажа од крајот на Студената војна. Американскиот новинар, Волстрит журнал и американската влада ги отфрлија овие наводи како невистинити. Доколку биде прогласен за виновен, Гершковиќ може да се соочи со затворска казна до 20 години.

На почеток