Таравари сега не знае ништо за ослободувањето на Блерим Рамадани, иако претходно го поздрави ослободувањето пред да се донесе судска одлука
Министерот за здравство, Арбен Таравари, кој го поздрави ослободувањето на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, уште пред да биде донесена судската одлука, сега посочува дека нема информации за конкретниот случај. Прашан дали судијата на претходна постапка, Пајазит Пајазити треба да биде разрешен, тој даде само општ коментар.
„За секого кој што не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај, немам информација. Кога ќе имам, ќе имаме став како коалиција ВЛЕН“, рече Таравари.
Судијата Пајазит Пајазити го ставил, па го пуштил поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од ефективен притвор, иако околностите под кои е одреден притворот биле непроменети, дознава „Скопје1“. На МВР им била дадена насока да вршат контроли, кои биле правени секојдневно. Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО-ГОКК) не се согласило и поднело жалба. Денот кога Кривичен совет одлучува по жалбата – Рамадани бега. Вака изгледал текот на настаните кога во прашање е Рамадани, за кого Србија има потерница и го бара за извршени воени злосторства.
„Скопје1“ дојде до информации како постапувале судијата Пајазит Пајазити, Кривичниот совет кој одлучува по жалби, Обвинителството кое бараше притвор и се жалеше за куќниот притвор, Министерството за внатрешни работи задолжено да прави контроли на адресата каде Рамадани беше во куќен притвор. Заклучокот е дека МВР не може да го пушти Рамадани да избега, туку судот со неодредување на најстрогата мерка.