Се враќаат маските, забрана за посета во болниците


Забрана за посети на хоспитализирани пациенти, а во болниците и клиниките задолжително да се носат маски и да се одржува дистанца, препорачува Министерството за здравство. Оваа препорака е испратена до сите јавни установи по укажување на Комисијата за заразни болести за да се спречи ширењето на грипот.
Од Комисијата велат дека засега не планираат дополнителни мерки за заштита од грипот бидејќи нема преоптоварување на болничките капацитети, а бројките на новозаболени стагнираат.
Од Министерството за здравство пак потенцираат дека предложените мерки се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно на тоа што актуелните епидемиолошки податоци укажуваат на пик на сезонскиот грип.
За периодот од 3 до 9 февруари, во земјава се пријавени 2 880 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со претходната недела, информираат од Институтот за јавно здравје.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.
