Од приближно шеесет кучиња што го поминале целокупниот медицински третман во стационарот „Вардариште“, во рамки на акцијата „Вдоми – не купувај“, беа вдомени десет. Ваквиот слаб одѕив се должи на фактот дека чипирањето на домашните миленици се воведе како законска обврска за сопствениците и во моментов бесплатно се реализира преку Агенцијата за храна и ветеринарство.
На тој начин, како што изјави за МИА директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани, ќе се овозможи следење на одговорното сопствеништво врз овие животни, кои во голем број случаи се оставени на улиците токму од страна на нивните сопственици.
– ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со стандардните активности за заловување и третирање на бездомните кучиња во Скопје, во рамки на стационарот „Вардариште“. Апелираме и ги повикуваме вистинските љубители на животните да го посетат стационарот и да размислат за можноста во својот дом да му понудат љубов и грижа на некое од овие бездомни кучиња што им ги отстапуваме без никаков паричен надомест, изјави Шабани.
За акцијата „Вдоми – не купувај“
Акцијата за вдомување бездомни кучиња „Вдоми – не купувај“ се реализираше во рамки на одбележувањето на Светскиот ден посветен на заштитата на животните – 4 октомври. Од 4 до 10 октомври годинава стационарот за бездомни животни „Вардариште“ беше отворен од 9 до 19 часот за сите љубители на животните што сакаат да си одберат куче за вдомување. Кучињата се прегледани од ветеринар, не се агресивни и немаат никакви заболувања. Тие се стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити и вакцинирани од беснило. Доколку не бидат вдомени, тие ќе бидат вратени на скопските улици.
Од „Комунална хигиена“ ги повикуваат љубителите на животни што планираат да купат миленик да го посетат стационарот „Вардариште“ и да размислат за можноста во својот дом да му понудат љубов и грижа на некое од овие кучиња. На сите заинтересирани граѓани кучињата им се отстапуваат без паричен надомест.
Во соработка со Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ од 2007 година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните – ЦНР-програма (catch, neuter, release – залови, стерилизирај, пушти), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Оваа програма е поддржана од Светската здравствена организација. (WHO), а одобрена од Советот на Град Скопје.