Актуелно

Георгиески: Кај Горица не се работи за никакво сериозно уништување на зеленилото, туку се работи за стари дрвја кои претставуваат опасност

Врз основа на актуелните објави на социјалните мрежи и социјалните медиуми од страна на загржени граѓани, екологисти и активисти на невладината организација „Охрид СОС“ во врска со сечењето на дрвја во потегот на месноста „Горица“ сакам да ја информирам јавноста дека не се работи за никакво сериозно уништување на зеленилото и животната средина на посочениот потег, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Во продолжение градоначалникот објасна:

Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид на 1-ви јули 2019 година има донесено Решение со кое го задолжува АД. за угостителство, трговија и турзам „Инекс- Горица“ во дворното место на хотелот „Инекс Горица“ на КП бр.5984/1 КО Охрид 4 да пресече четири кедари и три бора, обележани со буквата „С“ со црвена боја, врз основа на нивно барање доставено на 7-ми мај 2019 година.

Се работи за стари дрвја за кои Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрвја на подрачјето на Општина Охрид, утврдила дека се исушени и не постои можност за успешно санирање и ревитализирање на нивната состојба. Исто така утврдено е дека при неповолни временски услови истите дрвја претставуваат опасност по луѓето и метаријалните добра.

Во согласност со „Законот за урбано зеленило“ како компензациски мерки на местото на пресечените стебла барателот треба да засади соодветни листопадни или зимзелени дрвја, кои треба да бидат постари од 6 години и нивниот збирен пречник да одговара со пречникот на пресечените дрвја.

Сакам да потенцирам дека надлежните служби на општината постапуваат и во иднина ќе постапуваат во согласност со закони и правилници и дека ќе работат во интерес на сите граѓани!

Упатувам апел до активистите на невладините организации, кои се загрижени за животната средина во иднина добро да ги проверат информациите пред да започнат да шират лаги и шепкулации поради лични интереси и публицитет. Наместо со лажни информации и непотребни критики, ги охрабруваме да започнат да спроведуваат конкретни еколошки активности или акции за пошумување, со кои навистина ќе покажат дека се грижат за животната средина!

Ви благодарам!

 

На почеток