Европскиот воздушен сообраќај ова лето бележи историски резултати, откако минатата недела беше соборен рекордот во бројот на летови во мрежата на Европската организација за безбедност на воздушната пловидба (EUROCONTROL).
На 10 јули биле регистрирани дури 37.640 летови во еден ден, што претставува најголем број летови досега во европската мрежа за управување со воздушниот сообраќај. Новиот рекорд е за 0,5 отсто повисок од претходниот, кој бил поставен само една недела претходно.
Податоците покажуваат дека воздушниот сообраќај во Европа не само што целосно се опоравил по пандемијата, туку продолжува да расте од година во година.
Зад овие бројки стојат милиони патници, илјадници пилоти, контролори на летање, инженери и техничари кои секојдневно овозможуваат безбедно и ефикасно функционирање на европскиот воздушен систем.
Нов рекорд бил постигнат и во повеќе држави, даватели на услуги во воздушната пловидба и авиокомпании. Меѓу земјите од регионот, Србија и Црна Гора забележале најголем број летови во заедничкиот воздушен простор со кој управува SMATSA – 508 полетувања и слетувања во еден ден, надминувајќи го претходниот рекорд од 488 летови.
Рекорди забележале и Албанија со 322 лета, Македонија со 116 и Грузија со 289 летови во еден ден. Ерменската служба за воздушна пловидба ARMATS контролирала 808 летови, додека и авиокомпаниите Wizz Air Group и Aegean Airlines Group забележале најголем дневен број летови во својата историја.
Летната туристичка сезона традиционално е најдинамичниот период за европското воздухопловство, а овогодинешниот интензитет покажува дека мрежата се соочува со најголемо оптоварување досега.
Растот на воздушниот сообраќај ја потврдува зголемената побарувачка за авионски превоз, но истовремено ја нагласува потребата од модернизација на системите за управување со воздушниот сообраќај, зголемување на капацитетите и воведување нови технологии.