Европската унија предупреди дека Европа се наоѓа во „многу сериозна криза“ бидејќи залихите од авионско гориво почнуваат да се намалуваат поради војната на Блискиот Исток, поради што граѓаните можеби ќе мора да ги променат плановите за летување.
„За жал, многу е веројатно дека годишните одмори на многу луѓе ќе бидат погодени, било со откажување на летови или со многу скапи карти“, изјави за Sky News комесарот на ЕУ за енергетика Ден Јоргенсен.
„Дури и ако направиме сè што можеме, ако нема авионско гориво, тогаш го нема“, додаде тој.
Јоргенсен истакна дека ова пред сè е криза на цени, а не сè уште криза на снабдување, но за жал „не можеме да бидеме сигурни дека ќе спречиме криза на снабдување, особено кога станува збор за авионско гориво во иднина, ако кризата продолжи“.
Меѓународната агенција за енергија предупреди дека големи проблеми во снабдувањето би можеле да се појават во следните пет до шест недели.
Авиокомпаниите веќе преземаат мерки за да ја намалат побарувачката.
„Луфтханза“, една од најголемите авио-групации во Европа, најави откажување на 20.000 летови во наредните месеци.
Други компании ги зголемуваат цените на картите за долги летови за да ги покријат зголемените трошоци за гориво.
„Ако утре би имале мир и ако Ормускиот теснец се отвори, мислам дека би можеле да избегнеме вакво сценарио, но морам да кажам дека дури и во најдобар случај кризата на цените ќе трае уште долго. Гасната инфраструктура е оштетена до таа мера што ќе бидат потребни години за обнова, што значи дека со месеци, а можеби и со години, ќе имаме многу повисоки цени од порано“, предупреди Јоргенсен.
Шефот на италијанската Управа за цивилно воздухопловство Пјерлуиџи ди Пала исто така за Sky News изјави дека луѓето треба да размислат да летуваат во своите земји.
„Во минатото цените на горивото достигнуваа и надминуваа 100 долари без значајни последици за авио-сообраќајот, но овојпат психолошкиот ефект има разорнo влијание врз патниците“, предупреди тој.
„Најдобро е да се препорача одмор во близина, повторно откривајќи убави места во нашата земја. За оние што сепак сакаат да патуваат на далечни дестинации, добра идеја е да размислат за посебно осигурување кое може да обезбеди сигурност во вид на гарантиран поврат на средства во случај на доцнење или откажување на лет“, додаде ди Пала.
Европската унија најави мерки за ублажување на ефектите од енергетската криза, вклучувајќи планови за забрзување на користењето обновливи извори на енергија и поттик за домаќинствата да инсталираат чисти извори на енергија како топлински пумпи и соларни панели.
ЕУ исто така ги поттикнува државите членки да ги намалат даноците на електрична енергија со надеж дека тоа ќе мотивира повеќе луѓе да купуваат електрични возила.