Нов скок на цените на горивата следува од полноќ, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,89 отсто.
Од 00:01 часот на 8 септември, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 97 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по најмногу 99 денари за литар.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува на 101 денар за литар, а екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 ќе чини најмногу 105 денари за литар. Мазутот М-1 НС ќе достигне цена од 46,001 денар за килограм.
Во однос на досегашните цени, бензините поскапуваат за 3 денари за литар, дизелот за 6 денари, а екстра лесното масло за 8 денари за литар. Цената на мазутот се зголемува за 1,591 денар за килограм.
Од РКЕ објаснуваат дека зголемувањето е резултат на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во просек, бензините поскапеле за 4,829 отсто, дизелот за 8,922 отсто, екстра лесното масло за 11,644 отсто, а мазутот за 4,163 отсто.
Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар во периодот според кој се правела пресметката бил повисок за 0,5449 отсто.
Во новата одлука продолжува примената на намалена акциза од 2 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и намалена акциза од 4 денари за литар кај ЕУРОДИЗЕЛ.
Од РКЕ нагласуваат дека утврдените цени се максимални. Трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и горивата за транспорт и по пониски цени од утврдените максимални.