САД забрануваат нови странски дронови: кинеските DJI и Autel исфрлени од пазарот
Федералната комисија за комуникации на САД, Federal Communications Commission, во понеделникот објави забрана за пласирање нови дронови произведени во странство, одлука со која од американскиот пазар практично се исфрлаат кинеските производители, меѓу кои и водечките компании DJI и Autel. Како причина се наведуваат „неприфатливи ризици за националната безбедност“, објави Euronews.Одлуката е во согласност со законот за одбрана што американскиот Конгрес го усвои минатата година, со кој беа засилени сомнежите и загриженоста околу дроновите од кинеско производство. Тие во изминатите години станаа доминантни на американскиот пазар и широко се користат во земјоделството, картографијата, филмската индустрија, како и во полициските служби.Компанијата DJI, со седиште во Шенжен, е најголемиот светски производител на дронови и, според податоците на Drone Industry Insights, контролира речиси 80 проценти од американскиот пазар на комерцијални дронови. Нејзиниот најблизок конкурент Autel има значително помал пазарен удел.Во образложението на одлуката, американските власти наведуваат дека ревизијата на Владата утврдила оти сите дронови и клучни компоненти произведени во странство, не само во Кина, претставуваат „неприфатлив ризик за националната безбедност на САД, како и за безбедноста и заштитата на американските граѓани“. Сепак, FCC остави можност за исклучоци, доколку Пентагон или Министерство за внатрешна безбедност на САД проценат дека одредени дронови или компоненти не претставуваат таква закана.Како дополнителен аргумент за итноста на мерките, ФЦЦ ги наведе претстојните големи настани, меѓу кои Светско првенство во фудбал 2026, прославата на 250-годишнината од независноста на САД (America250) и Летни олимписки игри 2028, предупредувајќи на можноста за злоупотреба на дронови од страна на криминалци, непријателски странски актери или терористи.Од компанијата DJI реагираа дека се разочарани од одлуката, наведувајќи дека не се презентирани конкретни докази врз основа на кои е донесена. Според нив, тврдењата за безбедносни ризици не се поткрепени со факти, туку претставуваат протекционизам спротивен на принципите на отворен пазар.Одлуката предизвика поделени реакции и кај корисниците во САД. Професионалци кои во својата работа користат странски дронови предупредуваат дека новата политика може сериозно да им наштети на бизнисите. Џин Робинсон од Тексас, кој обучува полициски служби и користи флота од девет DJI дронови, изјави дека ограничувањата ќе создадат проблеми, иако признава дека САД сами ја дозволиле зависноста од Кина.Од друга страна, Артур Ериксон, коосновач и директор на американската компанија Hylio, смета дека заминувањето на DJI ќе создаде простор за раст на домашните производители. Сепак, тој проширувањето на забраната на сите странски дронови и компоненти го оцени како изненадувачко и претерано, изразувајќи надеж дека правилата ќе бидат дополнително појаснети.
Свет | пред 3 дена