Промени тема
За нас
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески

ПУШЕЊЕ

media-library1hb5caf5bosueyGvrds

Деца без проблем купуваат цигари низ маркетите

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес конференција изјави дека со поддршка од Светската здравствена организација, е извршено истражување, во кое биле избрани 75 училишта и биле опфатени 4.670 ученици.„Истражувањето е дел од глобалниот систем на надзор на тутунот и претставува национално репрезентативно истражување кое по четврти пат се спроведува во училиштата во нашата држава. Податоците од истражувањето покажуваат дека 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ и тоа е највисоката преваленца досега регистрирана во нашата држава. Вкупно 10% од нив користат електронски цигари, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Дополнително загрижувачки се податоците дека дури 57% од младите биле изложени на тутунски чад во домот. Додека 55,4% биле изложени на чад во затворени јавни простори. Во однос на достапноста на Тутунските производи, ова истражување покажува дека 73,2% од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Она што е важно за нас како креатори на здравствените политики е дека огромен дел од испитаниците, ученици, ја поддржуваат мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори, вкупно 86,9% од испитаниците ја поддржуваат оваа мерка.Министерот изјави дека целта на новиот предлог-закон е денормализација на пушењето, а тоа ќе се постигне преку 4 столба на овој закон.„Прво, целосна заштита од пасивно пушење, без чад и без аеросол во затворени и работни простори, заштита важи заштитата важи и за аеросоли од електронските цигари, чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана. Втор столб, намалување на привлечноста, забрануваме продажба на производи што содржат карактеристични ароми кои создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект различен од природниот тутунски профил. Овошни, слатки, ментол и други вкусови кои ја маскираат штетноста и го олеснуваат првото пробување. Повеќе овие нема да бидат дозволени за продажба. Трето, ограничување на маркетингот и изложувањето, ќе се стави крај на таргетирањето на младите преку социјалните мрежи, преку инфлуенсери, игри и дигитални други платформи. Тутунските и никотинските производи повеќе нема да бидат јавно изложени, туку во затворени ормани. Четвртиот столб е ограничување на достапноста и засилената контрола на продажба на малолетници. Со здравјето на младите нема компромис. А јавниот интерес ќе биде посилен од секој комерцијален притисок, вели Алиу.

Македонија | пред 2 седмици

media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Угостителите добија „битка“: одложена примената на дел од законот за заштита од пушење

Министерство за здравство прифати одложување на примената на дел од новиот закон за заштита од пушење, со што, како што беше појаснето, им се остава простор на сопствениците на угостителските објекти инфраструктурно да се прилагодат на законските барања.Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција во Владата изјави дека одложувањето се однесува на примената на одредбите за пушење на отворени тераси од три страни, кои во пракса во моментов се затворени.„Процесот за забелешки за тој закон е веќе завршен. Работните групи имаа консултации со стручни лица и со сите засегнати страни во државата. Исто така, јас и премиерот имавме состаноци со производители, потрошувачи, компании, ресторани и кафулиња. Имаше забелешки што беа логични и можеа да бидат прифатени, но и такви што не беа прифатени. Прифатено беше одложувањето на примената на законот за тераси од три страни, бидејќи им треба време за инфраструктурно да се приспособат“, изјави Алиу.Во однос на електронските цигари, министерот најави дека тие ќе бидат забранети за користење во затворени простории. Дополнително, ќе биде ограничена и нивната продажба.„Барањето кое половично е прифатено беше продажбата на електронските цигари со вкус. Има вкусови што се директно наменети за младата популација. Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун“, истакна министерот.Според него, државата е меѓу водечките во Европа по користење на нетрадиционални, таканаречени модерни електронски цигари, поради што законските измени имаат за цел дополнително да ја зајакнат заштитата на младите и јавното здравје.

Македонија | пред 2 седмици

kunovdks

Софија Куновска за законот за пушење: Власта си удира со свој камен по глава

Екс советничката во град Скопје, Софија Куновска со критики за новиот закон за пушење. Вели дека власта си удира со свој камен по глава.„Нема да помине многу време кога на властите ќе им стане јасно дека со свој камен по своја глава удираат.На веќе објавен ригорозен закон за заштита од пушењето цвикаат и попуштаат на првиот мал притисок.Епа кога ќе ве научат дека цвикате и цивкате да знаете дека тоа е вовед во фаза дека никој нема да ве есапи за озбилно“, пишува таа.

Коментари | пред 2 седмици

media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Измени на предлог-законот за пушење: Терасите на локалите ќе треба да бидат отворени од две страни, наместо од три

Предлог-законот за заштита од пушење ќе претрпи измени по последната средба меѓу угостителите и претставниците на Владата. Клучната промена е тоа што терасите на локалите, за да се сметаат за простор каде е дозволено пушење, ќе треба да бидат отворени од најмалку две страни, наместо првично предвидените три. Оваа одлука доаѓа откако институциите утврдиле дека голем дел од објектите немаат техничка можност да ги отворат терасите од три страни. Сепак, забраната за пушење во затворените делови на објектите останува целосна и категорична. „Во деловните простори, во внатрешноста, нема да се пушат цигари, ’ајкос’ или ’вејп’. На терасите ќе продолжи да се пуши, со обврска да ги приспособиме на новиот закон – да бидат отворени од минимум две страни и заградени до висина од 1,40 метри поради безбедност и природно проветрување“, изјави Перица Голомеиќ, претседател на Туристичко-угостителската комора. Иако угостителите бараа одложена примена од три години, извесно е дека ќе добијат рок од најмногу една година по стапувањето на сила на законот за да ги приспособат своите објекти.

Македонија | пред 2 седмици

pusenje

Законот за заштита од пушење не се одложува, тврди Министерство за здравство

Министерството за здравство останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.„Во моментот се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата. Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории. Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок. Министерството останува отворено за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот“, се вели во соопштението.

Македонија | пред 1 месец

media-librarydieim7043fpd8HcWnGe

Прво едукација, па казни за новиот закон за пушење

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека динамиката за почеток на казнувањето за прекршување на новиот закон за пушење сè уште не е прецизно дефинирана, нагласувајќи дека примарната цел на институциите е едукација, а не веднаш санкционирање.Одговарајќи на новинарско прашање од кога ќе започне казнувањето, Алиу посочи дека се создал амбиент во кој јавноста перципира дека државата сака веднаш да казнува, додека, според него, фокусот е на укажување и информирање за тоа што е незаконско и кои се последиците од непочитувањето на прописите.„Инсистирав да дадеме простор да укажеме кој работи незаконски и дека ќе се казнува. Мислам дека тоа е добра практика – државата да соработува со бизнис-заедницата“, изјави министерот.Тој додаде дека државата мора дополнително да се доекипира за целосна имплементација на законот. Според него, доколку веднаш се започне со масовни казни, може да се појави проблем со недоволен број инспектори и службени лица за спроведување контроли на терен.Како пример, Алиу посочи на претходни ситуации кога забраната за пушење формално важела во Скопје, но не била доследно спроведувана во другите средини. Според него, целта е законот да се применува еднакво на целата територија, со јасна стратегија и соодветни ресурси.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryslpbj58lkr05fqfiBwx

Пушењето водечка причина за рак на белите дробови: Во 2024 година починале 860 лица

По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на белите дробови.Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхиите и белите дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.

Македонија | пред 1 месец

media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Пресврт за пушењето на јавни места во Македонија од март

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, порача дека Македонија е подготвена за сериозен пресврт во политиките за заштита од пушење, при што предлог-законот што е во јавна дебата е усогласен со највисоките стандарди на Светска здравствена организација и, според регионалните споредби, ја позиционира државата веднаш зад Словенија, која важи за лидер во оваа област.Во анализата што ја презентира Клековски, се наведува дека Словенија и Хрватска имаат највисоко ниво на заштита од пушење, додека Грција и Бугарија обезбедуваат многу добра заштита. Во групата земји со солидна, но не и најстрога регулатива се вбројуваат Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, додека Босна и Херцеговина останува со најслаба заштита.Според предложените решенија, Македонија би вовела речиси целосна забрана за пушење во затворени простории, со ограничени исклучоци, што ја доближува до најстрогите европски практики. Предлог-законот предвидува и изедначување на третманот на електронските цигари со класичните тутунски производи, што е пракса веќе воспоставена во Словенија, Хрватска, Грција и Бугарија. Дополнително, Македонија и Словенија би биле единствени во регионот со забрана на вкусови и ароми кај тутунските и сродните производи.Клековски нагласува дека предлог-законот оди чекор понатаму и во делот на рекламирањето, со целосна забрана која ги опфаќа и инфлуенсерите на социјалните мрежи, што ја става Македонија во групата земји со најстрога регулатива во овој сегмент. Единствено Словенија, засега, има воведено и таканаречено „plain packaging“, односно стандардизирано пакување без брендирани елементи.Сепак, според директорот на ФЗО, клучниот предизвик останува спроведувањето на законите. Искуствата од регионот покажуваат дека контролата е најслаба надвор од големите урбани центри, во канцелариски простории и во угостителските објекти, особено во ноќните часови и во локали со жива музика, клубови и казина. Тој посочува дека земјите со медитеранска клима полесно ја применуваат забраната, поради поголемата употреба на отворени простори.„Потребно е да учиме од туѓите искуства и да изградиме систем кој нема само добро напишани закони, туку и доследна примена, со што ќе обезбедиме подобра заштита на здравјето на граѓаните“, порачува Клековски, нагласувајќи дека предлог-законот претставува историска можност Македонија да се вброи меѓу лидерите во регионот во борбата против пушењето.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryslpbj58lkr05fqfiBwx

Алиу: Пушењето ќе се регулира и на отворено таму каде што граѓаните се директно изложени

Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите, потенцира министерот за здравство“, Азир Алиу.Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.„Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите“, појаснува министерот Алиу.

Македонија | пред 1 месец

cigari

Здравство: Забраната за пушење во затворени простории е заштита на здравјето, не удар по угостителите

Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, не претставува удар по угостителството, туку законско решение насочено кон заштита на правото на здраво и безбедно работно место, соопштија од ресорното министерство. Со законското решение се предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.Од Министерството нагласуваат дека со законот се воспоставува јасно и универзално правило, без исклучоци и без сиви зони, кое ги штити сите граѓани. Пушењето, како што се наведува, останува личен избор, но затворениот заеднички простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во директен ризик за здравјето на другите присутни.Јавноздравствените анализи укажуваат дека квалитетот на воздухот во затворените простории има директно влијание врз здравјето, при што чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помал број астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања. Во тој контекст, изложеноста на тутунски чад се третира како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на личен животен стил.Посебен акцент во предлог-законот се става на угостителските објекти, каде што токму вработените се најдолго и најинтензивно изложени на чад од цигари и други тутунски и никотински производи. Според Министерството за здравство, државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина, независно од дејноста во која работат.Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека искуствата од европските земји кои веќе вовеле вакви законски решенија покажуваат оти стравувањата од негативни економски последици се неосновани. Како примери ги наведува Ирска, Велика Британија и други држави, каде што ваквите мерки не довеле до пад на приходите, туку до поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти.Според Алиу, забраната за пушење во затворени простории овозможува поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти. Министерството за здравство порачува дека предлог-законот има за цел да воспостави рамнотежа меѓу економските активности и основното право на заштита на здравјето на граѓаните.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryl4703r3knpnv65IqPiI

„Во два кубни метри со сопствените деца, тие инсистираат да пушат цигари, не можам да се изначудам“: Реакција на Илија Димовски за законот за пушење

Илија Димовски реагира дека меѓу бројните аргументи против строгата регулација за пушењето, особено загрижува фактот што има луѓе на кои им пречи забраната за пушење пред сопствените деца во автомобил.„Навистина не можам да се изначудам дека постојат лица на кои им смета забраната да пушат пред своите деца – во автомобил. Во простор од два кубни метри. Во два кубни метри со сопствените деца, тие инсистираат да пушат цигари“, наведува Димовски.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryslpbj58lkr05fqfiBwx

Има активни пушачи и од најрана возраст, од 13-14 години: Министерот Алиу соопшти алармантни податоци

- Законите сами по себе не може да бидат квалитетни и да дадат резултати ако немате цел екосистем. Законот дефинира рамка и строги правила за подобрување на екосистемот во одреден сегмент. Од друга страна, ако немате дополнителни индикатори за мерење и следење дали законот се применува, ќе имате само закон на хартија. Затоа можеби досега постојните закони за жал не даваа резултати. Ние прво направивме длабока анализа на постојната состојба, која покажа дека кај нас околу 50% од популацијата се зависни од цигари, и тоа пушат околу 18-22 цигари на ден, што значи во државата имаме двојно повеќе пушачи во споредба со европските стандарди. И ова е алармантно, особено што има пушачи и од најрана возраст, од 13-14 години има 7.7% активни пушачи, од 15-16 години се некаде 37%, а на електронски цигари 40%, истакна министерот за здравство Азир Алиу, во синоќешното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.Тој потенцираше дека законот не е против пушачите, туку идејата е законот да ги штити пушачите кои се околу 50% од населението, и да помогне тие да се откажат од пушењето.- Замислете наш граѓанин кој работи во угостителски објект каде што се пуши внатре. Тој без оглед дали сака или не, пасивно е изложен на чад од цигари осум часа на ден и на крајот од денот е пасивен пушач. Разговарав со доктори кои велат дека има многу често случаи на кардиоваскуларни заболувања кога пациентите велат дека самите не се пушачи, но дома имаат членови на семејството кои пушат во затворени простории. Тоа значи дека и пасивните пушачи се во ризик, кога активните пушачи пушат во затворени простории. Нас како држава целта ни е да ги заштитиме граѓаните, додаде министерот.

Македонија | пред 2 месеци

cigarette1

Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење објавен на ЕНЕР, отвораме јавна расправа пред неговото усвојување

Министерството за здравство информира дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување. -Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни - тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација.ЛИНК до Предлог-законот за заштита од пушење:  https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=115056

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryeidav4kkja58dVw3xFu

Целта на Законот за пушење со забраните и казните е исправна, но пристапот е погрешен?

Влатко Васиљ, познат по своите јавни настапи и пораки на социјалните мрежи, јавно се вклучи во дебатата за новиот закон за заштита од пушење, изнесувајќи став кој комбинира поддршка за целта, но сериозна резерва кон начинот на нејзино спроведување.Васиљ, посочува дека пушењето не претставува граѓанско право, ниту уставно загарантирана слобода и дека не може да се говори за дискриминација кога државата го ограничува во јавен простор. Според него, станува збор за навика и зависност со сериозни здравствени последици, не само за пушачите, туку и за сите околу нив.Сепак, како што нагласува, поддршката за целта на законот не значи автоматска поддршка за начинот на негово спроведување. Тој предупредува дека законското решение оди премногу нагло и ригорозно, без соодветен транзициски период, што наместо постепена промена на навиките може да произведе отпор кај граѓаните и деловната заедница.Според Васиљ, директното воведување строги забрани, високи казни и можност за затворање објекти носи ризик законот да се доживее како репресивен, наместо како инструмент за подобрување на јавното здравје. Тој смета дека се неопходни јасно дефинирани и човечки решенија, со контролирани надворешни зони за пушење, фазна имплементација и вистинска поддршка за откажување од цигари.Во својот став, Васиљ истакнува дека законот треба да има воспитна и насочувачка улога, а не да се сведува исклучиво на казнување. Тој нагласува дека е за чисти и здрави јавни простори, за заштита на децата и непушачите и за системско намалување на пушењето како општествен проблем, но и за политики што признаваат дека навиките не се менуваат преку ноќ.Пред воведување строги забрани и санкции, според него, државата и Министерството за здравство треба да понудат реални и достапни програми, стручни советувалишта и системска поддршка за откажување од пушење, со цел граѓаните да имаат вистинска помош во преминот кон поздрав начин на живот.На крајот, со доза на иронија, Васиљ додава дека му причинува посебно задоволство помислата дека ќе исчезне сцената со пури на неформалните деловни забави, саркастично додавајќи дека би поддржал и идна „забрана“ за тесни фармерки, како симбол на претенциозна урбана поза.

Коментари | пред 2 месеци

media-libraryslpbj58lkr05fqfiBwx

Македонија подготвува најстрог закон за пушење досега: целосна забрана во јавни простори и високи казни

Министерството за здравство го објави новиот Предлог-закон за заштита од пушење, со кој се воведуваат најобемните рестрикции досега за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутун и никотински производи. Законот, кој треба да стапи во сила на 1 март 2026 година, има за цел да ја намали високата стапка на пушачи во земјава — која изнесува околу 45% од возрасната популација.Со новите одредби се забранува производство, увоз и продажба на сите никотински производи со ароми и вкусови – меѓу нив ментол, овошни и билни варијанти, како и течности за електронски цигари. Министерството посочува дека овие производи особено ја поттикнуваат зависноста кај младите.Законот воведува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простори, како и во приватни возила доколку внатре има дете. Исклучок се дозволува само на отворени балкони и тераси кои се отворени од најмалку три страни и немаат прегради од стакло или најлон. Пушењето ќе биде забрането и во објекти за сместување, угостителски локали, пазари, јавен превоз и административни институции.Се предвидува и целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунските производи, како и ограничување на прикажувањето на пушење во филмови, серии и интернет-содржини, освен ако тоа не е уметнички оправдано и проследено со здравствено предупредување.Продажбата на цигари на парче, преку автомати или онлајн ќе биде забранета. Продавниците ќе мора да ги чуваат производите во затворени шкафови без осветлување, а информациите за цените ќе се даваат само преку листa со азбучен ред.Надзорот ќе го вршат повеќе институции – Пазарниот, Санитарниот и Трудовиот инспекторат, како и МВР.Физичко лице затекнато како пуши на забрането место ќе се казни со 150 до 300 евра, односно 100 евра при плаќање на лице место. За правните лица казните изнесуваат од 2.000 до 5.000 евра, а инспекторите ќе можат и привремено да забранат вршење дејност до три месеци.Министерството за здравство објаснува дека ваквите мерки се неопходни бидејќи директните здравствени трошоци за лекување на заболувања предизвикани од пушење надминуваат стотици милиони денари годишно, а целта е „да се заштити јавното здравје и да се намали една од водечките причини за смртност во Македонија“.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања