Данска, Гренланд и Соединетите Американски Држави утре би требало да потпишат договор за безбедноста на Гренланд, со кој, според Копенхаген, безбедноста на Арктикот би била ставена во поширока рамка на НАТО, наместо да остане исклучиво во надлежност на Данска и САД.
Потпишувањето се очекува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, но содржината на договорот засега не е јавно објавена.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека договорот на САД им обезбедува „трајна контрола“ врз безбедноста на Гренланд. Копенхаген и владата во Гренланд не го коментираа тоа тврдење, но порачаа дека договорот треба да му користи на арктичкиот остров и да го почитува неговиот суверенитет.
Договорот доаѓа по повеќемесечниот притисок на Трамп, кој повеќепати тврдеше дека САД треба да го контролираат Гренланд. Тој дури не ја отфрли ниту можноста за употреба на воена или економска сила за преземање на данската автономна територија.
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, изјави дека договорот ќе биде составен така што одговорноста за безбедноста на Арктикот нема да биде само на Данска или на САД.
„За тој регион во голема мера ќе се грижи НАТО“, нагласи Расмусен.
Сè уште не е јасно дали со новиот договор ќе се менува постојниот одбранбен договор од 1951 година, кој претставува правна основа за американското воено присуство на Гренланд.
Според Улрик Прам Гад од Данскиот институт за меѓународни студии, актуелната криза би можела да се искористи за дополнително зајакнување на единството во НАТО преку прашањето за Гренланд.
Стратешкиот интерес на Вашингтон за Гренланд датира уште од Втората светска војна. Во 1941 година, САД склучиле договор со данскиот претставник Хенрик Кауфман, кој дејствувал без овластување од својата влада, во период кога Данска била под германска окупација.
Со договорот Вашингтон сакал да спречи Гренланд да падне под германска контрола и да ја обезбеди северноатлантската маршрута меѓу Северна Америка и Европа. Потоа САД изградиле аеродроми, поморски постројки и метеоролошки станици, а до 1943 година на островот имало околу 5.500 американски воени лица.
Во 1946 година, американскиот претседател Хари Труман се обидел да го купи Гренланд за 100 милиони долари во злато, но Копенхаген ја одбил понудата. Наместо продажба, во 1951 година бил склучен нов договор, со кој американската војска добила значителни права на островот, но во рамките на НАТО.
За време на Студената војна, САД имале 17 воени локации на Гренланд со повеќе од 10.000 припадници на вооружените сили. Денес на островот останала базата Питуфик, со околу 150 лица.
НАТО неодамна порача дека го поздравува новиот договор, оценувајќи дека тој ќе придонесе за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката во Арктичкиот регион.
Расмусен, кој отпатувал во Њујорк, не сакаше да зборува за деталите од договорот, но истакна дека Данска од почетокот била отворена за уважување на легитимните безбедносни интереси на САД.
Во меѓувреме, Трамп на својата платформа „Truth Social“ напиша дека договорот на САД им обезбедил „трајна контрола над безбедноста и сите други потреби на Гренланд“. Тој додаде дека ниту еден американски противник нема да може да има база или воено присуство на островот без писмено одобрение од Вашингтон.
Данска не одговори директно на ова тврдење. Копенхаген, сепак, претходно призна дека со децении недоволно инвестирал во одбраната на Гренланд и се обврза да го зголеми своето воено присуство на островот, вклучително и преку поголемо присуство на сили на НАТО.
Гренландската влада, пак, се обидува да ја смири јавноста во пресрет на потпишувањето. Опозицискиот пратеник Ерик Јенсен изјави дека го прочитал нацртот на договорот и дека не е загрижен, оценувајќи дека министерот за надворешни работи на островот добро ја извршува својата работа.