Новинарите на Си-ен-ен, Политико и Ем-ес-ен-оу повторно добија пристап до Белата куќа, откако медиумите побараа итно судско рочиште поради одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да им ги одземе новинарските акредитации.
Белата куќа во судски поднесок потврди дека почнала да го враќа пристапот, откако судијата Тимоти Кели претходно пресуди дека забраната треба привремено да биде укината.
Медиумите ја обвинија Белата куќа дека повеќепати не ја почитувала судската наредба со која беше укината забраната за нивните новинари.
Од Белата куќа наведоа дека новинарските пропусници биле вратени до 9:07 часот по локално време, додека одземените акредитации биле достапни од 9:45 часот.
Судирот меѓу администрацијата и медиумите се случи во периодот на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг во Белата куќа, во пресрет на државната вечера.
Трамп минатиот петок најави дека ќе им биде забранет пристапот на Си-ен-ен, Ем-ес-ен-оу и Политико, обвинувајќи ги дека објавуваат, како што тврдеше, „измислици или лаги“ за неговата администрација. Белата куќа подоцна се повика и на националната безбедност.
Во понеделникот трите медиумски куќи најавија правни дејствија, наведувајќи дека сакаат да го заштитат принципот дека владата не треба да одлучува што ќе известуваат медиумите.
На поднесокот до судот во поддршка на медиумите се приклучија повеќе од 50 новинарски организации со различни уредувачки определби. Меѓу нив биле и Фокс њуз, Њујорк тајмс, Вашингтон пост и Волстрит журнал.
Случаи на несогласувања меѓу американските администрации и медиумите околу пристапот до Белата куќа имало и во минатото. Во 2009 година администрацијата на Барак Обама се обидела да го исклучи Фокс њуз од интервју со претставник на администрацијата, но по реакциите од други медиуми, на телевизијата сепак ѝ бил дозволен пристап.