Актуелно

Обвинет убиецот на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе

Судот во Јапонија денеска официјално го обвини убиецот на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, пишува локалниот весник „Јомиури“.

Четириесет и двегодишниот Тецуја Јамагами, откако помина шест месеци под надзор на психијатар, беше обвинет за убиство и недозволено поседување оружје, пренесува Ројтерс.

Според обвинението, Јамагами го застрелал Абе во западниот јапонски град Нара на 8 јули 2022 година, додека поранешниот премиер држел изборен говор. Јамагами беше уапсен на местото на настанот, додека Абе им подлегна на повредите пред да биде пренесен во болница.

Обвинетиот го обвини Абе за промовирање на Црквата на обединување, тврдејќи дека верската организација го довела неговото семејство до питачкиот стап. Според Јамагами, црквата на обединување ја убедила неговата мајка да донира 715.000 евра за оваа организација.

Истрагата откри длабоки врски меѓу Црквата на обединување и многу членови на Либерално-демократската партија (ЛДП), на која и припаѓаше убиениот Шинзо Абе.

Црквата на обединување, позната по масовните венчавки, е основана во 1954 година во Јужна Кореја, но нејзиниот главен извор на приход се донациите од Јапонија.

На почеток