Mилков за чествувањето на 4-ти Мај: Бугарските граѓани кои сакаат да одат, можат да наидат на пречки
Нема заеднички да ја чествуваме годишнината од смртта на Гоце Делчев со Македонија, вели бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков.
Тој во изјавата што ја цитира БНР, вели дека очекува оние граѓани на Бугарија кои ќе сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје да се соочат со истите проблеми како на 4 февруари кога се одбележуваше раѓањето на Делчев. Тогаш бугарското МНР преку соопштение оцени дека одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев не придонесе за унапредување на добрососедските односи и дека ќе биде „забележано дека македонските власти не им дозволиле на бугарски граѓани да му одадат почит на великанот“. Милков, денеска изјави дека ќе нема заедничко чествување со Македонија на 120-годишнината од смртта на Гоце Делчев на 4-ти мај.
„Се надеваме дека амбасадорот на Република Северна Македонија ќе присуствува на чествувањата што ќе ги правиме овде во Бугарија, а бугарските граѓани кои сакаат да одат, не можам да ги предупредам да не одат, но мора да знаат дека може да наидат на пречки“, рече Милков.
На 4 февруари имаше инцидент на граничниот премин Деве Баир каде неколку бугарски државјани ги навредуваа полицајците, направија метеж, поради што беа казнети и депортирани во Бугарија.