На Токсикологија се трезнеле 14-годишни деца, расте бројот на издрогирани кои завршуваат на Клиника
Најмладите пациенти кои се препиле во текот на новогодишната ноќ се 14-годишни, а највозрасниот има 64 години. Ова го соопшти доктор Кирил Наумоски од Клиниката за токсикологија. Пола од пациентите се машки, а пола се женски.
„Клиниката за токсикологија има поминато во најдобар ред. Го држиме просекот од изминатите години. 23 прегледи има поради акутни интоксикации, од кои 12 се полнолетни, 11 малолетни. Така што добри сме. Најмладите пациенти беа наад 14 годишна возраст. Најстариот пациент е 63 години“, вели д-р Наумоски.
Тој додава: „Обично имаме кај нас и посериозни случувања, оваа година поминала во ред. Сите пациенти се испратени на домашно чекување, нема задржан пациент. Ние продолжуваме со нормална работа, нашата најлуда ноќ заврши“.
Одговори и дали има пациенти кои консумирале дрога.
„Бројот на акутни интоксикации поврзани со психотропни супстанци е во пораст секоја година. Дали се мешани или не – ќе разговарате со пациентите. Се случува дел од пациентите да не ја кажуваат ниту вистината. Најголем дел од пациентите во текот на ноќта, според нивните кажувања се од алкохол“, додава д-р Наумоски.