Македонија

Арсовска си најде партија, за да не формира – ќе ја води Нова Алтернатива која беше во коалиција со СДСМ

Градоначалничката на Скопје, која во престижната фотеља седна со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, најавуваше политички ангажман со формирање нов политички субјект. Партијата во која за претседател ќе биде избрана Данела Арсовска не е новооснована, како што се најавуваше, покажуваат податоците од Централен регистар. Станува збор за политички субјект кој повеќе изборни процеси бил во коалиција со СДСМ, а чие овластено лице моментално е Сократ Ефтимовски.

Всушност, станува збор за Нова алтернатива, партијата на поранешниот пратеник Ѓорѓи Оровчанец. Тој смени неколку партиски дресови, започна од Демократска алтернатива, па во 2001 беше избран за министер за здравство во Владата на Љубчо Георгиевски, а подоцна преминува во ВМРО-НП. Во 2007 ја основа и станува лидер на Нова алтернатива. На последните изборни процеси за локални избори, но и за парламентарните во 2016 година, партијата била коалициски партнер на СДСМ.

Ова значи дека Арсовска доби готов политички субјект во раце, каде најавува дека ќе биде избрана за претседателка. Не се знае дали ќе влезе во коалиција за престојните избори и со кои партии.

Конвенцијата за нејзин избор ја најави со фотографија од кампањата за градоначалничка на Скопје, кога беше независен кандидат но предложена од ВМРО-ДПМНЕ, партија со чија помош стана политички фактор.

На почеток