Кои партии и политичари, што кажаа за Фуркан Салиу
Низа реакции од политички партии и политичари дојдоа по апсењето на новинарот Фуркан Салиу, кој беше уапсен по завршување на фудбалски натпревар, поради како што вели МВР, напад врз полициски службеници од ЕБР и најден пиштол во багажниот дел од неговиот автомобил. ВМРО-ДПМНЕ порача дека секој еден новинар ја има нивната поддршка.
„Ја браниме и во целост ја почитуваме новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки. Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот. Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, го осуди апсењето.
„Силно го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Употребата на сила против новинарите страшно потсетува на мрачните времиња од минатото кога немавме слобода и демократија и бевме заробена држава. Заплашување на новинари, злоупотреба на моќта и на институцијата МВР е недозволиво. Очекувам новинарот да биде ослободен. Слободата на говор и заштитата на новинарите се врвен приоритет во едно демократско општество“, вели Ковачевски.
Претседателот на НСДП Горан Мисовски на социјалните мрежи сподели видео со кое го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу.
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари преку соопштение во јавноста го осудува апсењето на новинарот Фуркан Салиу, спротивставувајќи се на акцијата спроведена под сомнителни услови.
Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.
„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте Гласникот туку Веста“, реагира Таравари.
Се јави и градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
„Новинарот Фуркан Салиу веднаш да биде ослободен! Да се уапси новинар затоа што си ја вршел работата, ова е слобода на говор кај нас. Ние сме со Фуркани и секој друг новинар кој и служи на вистината и јавноста! Бараме надлежните институции да ги преземат сите мерки за предметниот случај. Јавно го прашуваме техничкиот премиер зошто не реагира на бруталниот напад врз слободата на говорот?!“, пиша Касами.