Македонија

Силјановска денеска слави и роденден, полни 71 година – утре нејзината инагурација за претседател

Гордана Силјановска-Давкова денеска полни 71 година, на ден пред нејзината инагурација во Собранието за претседател на државата. Таа е родена на 11 мај 1953 година. Роденденот го слави ден откако Државната изборна комисија ги објави официјалните резултати од изборите.

Таа е македонски универзитетски професор, правник, и собраниски пратеник во претходните четири години.

Избрана е за претседател со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски 251.899, констатираше денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на седницата на ДИК, објавувајќи ја конечноста на резултатите од гласањето за Претседателките избори од 8 мај.

Во нејзината биографија стои дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Сиљановска Давкова за првпат влезе во политиката како предлог на ЛДП и беше министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски кој беше премиер од 1992 до 1994 година.

Во 2004 и 2005 година, беше активна во настапите против Законот за територијална организација, во 2017 година, беше гласна против Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот јазик стана втор службен јазик во Северна Македонија. На парламентарните избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова беше носителка на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во првата изборна единица. Од август 2020 година досега беше пратеничка во Собранието.

На почеток