Македонија

Утре погреб на 59-те жрви во дискотеката, новинарите се должни да ја почитуваат приватноста и болката на семејствата

Погребот на 59-те лица кои загинаа во Кочани, ќе биде извршен утре (четврток), а откако беа завршени сите обдукции, а со тоа и идентификацијата на жртвите. Жителите на Кочани, но и Штип, побараа новинарските екипи да бидат поставени на точно определено место, за роднините и пријателите да можат достоинствено да ги испратат своите најблиски. Исто така бараат да не се дозволи надлетување со дронови, за што Агенцијата за цивилно восухопловство веќе издаде и забрани кои траат до крајот на март. Забрана ќе биде издадена и за надлетување во Бутел, каде што се гробиштата, а бидејќи и таму ќе бидат погребани лица кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката.

„Апел до МВР и организаторите на погребот во Кочани и сите други општини! Верувам дека сите мои сограѓани ќе се согласат 100% со мене и ова се осмелувам да го напишам од името на сите Кочанчани: Немојте да дозволувате новинарски екипи да се туркаат и пикаат во лицата на родителите, роднините и пријателите кои дошле да си ги погребаат нивните најмили! Ако веќе треба да известуваат, ВЕ МОЛАМ обезбедете им соодветно место, подалеку од народот и од таму да не се мрдаат! Да не се шетаат меѓу народот, да кружат и да снимаат! Дозволете достоинствено и со почит да си ги испратиме нашите најблиски!
Посебен акцент ставам на ДРОНОВИТЕ, немојте ни случајно да дозволите дронови да ни летаат над главите и да зујат во овие претешки моменти! Не дозволувајте овој горчлив и мачен ден да го направат ЦИРКУС! Постарите генерации можеби се сеќаваат кога беше погребот на Тоше, одредени новинарски екипи (секоја чест на исклучоци) уште во гробот не му скокнаа само за да направат ПОДОБАР КАДАР! Цела Македонија тогаш беше згрозена од нивните постапки, не дозволувајте тоа да се случи и сега!
Поставете полиција, поставете обезбедување, бараме заштита од вас! Заштитете нè од хаос! Свесен сум дека организација на ваков настан е комплицирана и тешка, ама протокол мора да има и мора да се почитува!“, вели Иле Гаврилов, жител на Кочани.

Ова доаѓа и по снимките на агенцијата „Ројтерс“, снимени од дрон, на кои се гледа како се копаат и подготвуваат нови гробни места.

Според Кодексот на новниари, новинарот е должен да ја почитува личната болка и приватноста на секој граѓанин и да постапува согласно јавниот интерес. Некои медиуми, веќе најавија дека нема да известуваат за погребот на 59-те жртви.

Вчера (вторник) беше погребот на возачот на Брзата помош, кој почина откако трипати возел до Скопје и назад. Колегите сведочеа дека починал од болка, легнал и не се разбудил.

На почеток