Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-library0u5e0tvp3lac8BjyYZs

Дејан Давидовски-Дешо кој беше во бегство е ослободен за „27 април“

Обвинетиот Дејан Давидовски-Дешо, кој се бараше за настаните од „27 април“, е ослободен од обвинение откако Основниот кривичен суд Скопје донел одбивателна пресуда со примена на Законот за амнестија, дознава „Скопје1“. Потврдата за одлуката е добиена од Кривичниот суд.Давидовски седум години беше во бегство, а во август минатата година ѝ се предаде на полицијата. Во април 2019 година беше уапсен во Шведска, но шведските власти тогаш го одбија барањето за негова екстрадиција во Македонија.Тој беше гонет за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, поврзано со случувањата во Собранието на 27 април 2017 година. Со примената на Законот за амнестија, судот ја отфрлил обвинителната постапка против него.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarylk9kgmbun1p98ygMpxX

Tежок пораз за Белата куќа: Трамп незаконски вовел глобални царини

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави пресуди дека претседателот Доналд Трамп го прекршил федералниот закон кога еднострано вовел широки царини на глобално ниво, оценувајќи дека ги надминал своите уставни овластувања.Одлуката претставува значаен удар за Белата куќа по прашање кое е клучно за надворешната и економската политика на претседателот. Според американските медиуми, станува збор за најсериозниот пораз што втората администрација на Трамп го претрпе пред највисоката судска инстанца.Мнозинското мислење, поддржано од шест од деветте судии, го напиша главниот судија Џон Робертс. Во образложението се наведува дека претседателот презел „вонредна моќ“ еднострано да воведува царини со неограничен износ, времетраење и обем, без јасно конгресно овластување.Судот заклучи дека повиканото вонредно овластување не е доволно за ваков обем на мерки и дека за нив е потребна експлицитна согласност од Конгресот.Одлуката доаѓа по серија претходни случаи во кои Врховниот суд застана на страната на претседателот, вклучително и во прашања поврзани со имиграцијата, раководењето со независни агенции и намалувањето на федералните трошоци.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryti58g8i38u11dj9NnjX

Жерновски ќе бара правда преку Судскиот совет, оти смета дека портпаролката Митева знае испох од постапка која е во тек

Членот на Централниот комитет на СДСМ, Андреј Жерновски, соопшти дека поднесува претставка до Судскиот совет поради, како што наведе, јавно изнесени информации од страна на портпаролката на Владата во врска со судска постапка што сè уште е во тек.„Портпаролот на Владата, г-ѓа Митева, јавно соопшти „исход“ од судска постапка која сè уште е во тек. Признавањето како истата поседува информации дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е крајно сериозно и скандалозно, бидејќи второстепена одлука (од Виш управен суд) сѐ уште не е донесена. Понатаму, преку соопштение, во нов обид да манипулира со јавноста, повторно изнесе податоци поврзани со исходот од сѐ уште незавршената судска постапка, со што направи долнителен прекршок.Она што е уште поскандалозно е фактот дека конкретната судска постапка воопшто и не се води против Владата, туку против Претседателот на државата. Прашањето е едноставно: Како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапката? Како истата располага со информации дека воопшто е донесена првостепена одлука, дека има жалба и дека истата е неоснована, во услови кога воопшто не е донесена второстепена одлука? Ова не се „гласини кои кружат во јавноста“. Тоа може да биде единствено информација добиена директно од самиот суд. Со ова само се потврдува влијанието и недозволивото мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на владеење на правото и поделба на власта. Поради сериозноста на ситуацијата, поднесувам претставка до Судскиот совет. Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има!“, напиша Жерновски.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarynidbne316col7h3fcSO

(Фото) Лица од тетовско се заканиле со масовни убиства преку „Дискорд“, инспирацијa биле убиствата во училиште во САД

Две лица се лишени од слобода по полициска акција во тетовско, откако дваесетгодишник преку социјалната апликација „Дискорд“ испратил закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје.Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против К.Х. (20) од Мала Речица за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од Кривичниот законик. Дополнително, до Основното јавно обвинителство Тетово е поднесена пријава против 89-годишник за кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од КЗ.Според информациите, осомничениот на крајот на јануари преку „Дискорд“ испратил сериозна закана дека ќе изврши напад со автоматска пушка АК-47, при што навел дека има нарушено психичко здравје. Како инспирација го споменал нападот од 14 декември 2012 година во училиште во САД, кога беа убиени 26 лица, меѓу кои и 20 деца.По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје, дека Федералното биро за истраги побарало итно откривање на профилот од кој се испратени заканите, Министерството за внатрешни работи во координација со обвинителството презело мерки за идентификација на сторителот.На 17 февруари 2026 година, полициски службеници од Секторот за борба против тероризам, со асистенција на специјалната антитерористичка единица „Тигар“, извршиле претреси во дом и други простории во Мала Речица.При претресите биле пронајдени и одземени повеќе парчиња огнено оружје и муниција, меѓу кои автоматска пушка АК-47 со две рамки и 40 куршуми калибар 7,62х39 мм, пиштол „М57“ со две рамки и 49 куршуми, пиштол „Чероки“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми калибар 9 мм, тактички и борбени елеци, ножеви со различна должина на сечиво, како и електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење.Против дваесетгодишникот е поднесена кривична пријава за тероризам, додека против второто лице пријава за недозволено поседување и тргување со оружје. Истрагата продолжува под надзор на надлежните обвинителства.

Македонија | пред 3 седмици

media-library4hsa32qf750t0nUjNfA

СДСМ со иронично „извинување“ до Орце Ѓорѓиевски за тендерите

СДСМ со иронична реакција упати „извинување“ до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, откако тој ги демантираше дека чантата на неговата сопруга чини илјадници евра.„Му се извинуваме на Орце Ѓорѓевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, Пирамид билдинг и Ленди груп.За два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник.20 милиони денари е тендерот за Пирамид Билдинг со склучен договор на 05.12.2026 година.76 милиони денари е тендерот за Ленди Груп со склучен договор од 28.01.2026 година.Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56те тендери на Пирамид билдинг, каде е татко му на шефот на Кабинет на Мицкоски, Нелоски?Или да се извинуваме и 74-те тендери на Ленди груп вредни 17.5 милиони евра?Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе?А што се однесува до чантата, следниот пат кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, очигледна е.Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“, стои во соопштението на СДСМ.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryjj4r1bn6h45ieFGqLj5

Од Дубаи екстрадиран Флорим Лимани, прва екстрадиција од ОАЕ во Македонија

Лице барано со меѓународна потерница е екстрадирано од Дубаи во Македонија, во прва реализирана екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во земјава.Според информациите од Министерство за внатрешни работи, станува збор за Флорим Лимани (33), кој бил баран за издржување затворска казна во траење од три години и шест месеци за кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по член 396 став 1 од Кривичниот законик.Екстрадицијата е реализирана денеска, а надлежните посочуваат дека станува збор за прв случај во кој лице барано од македонските органи е предадено од Обединетите Арапски Емирати врз основа на меѓународна потерница.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarykm5s76u12kb66ezDY6y

Детали од МВР: Ексхумација и ДНК-вештачења во истрага за серија убиства во кумановско

СВР Куманово поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Куманово против Т.Б. (25) од Куманово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.Според пријавата, во периодот од 27 јануари до 12 февруари 2026 година, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, осомничениот со умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот жена родена во 1947 година. Ја искористил околноста што таа живеела сама, била стара и немоќна, па додека спиела во својот дом физички ја нападнал и ѝ нанел повеќе тешки телесни повреди од кои починала.Со координирани активности на СВР Куманово, Одделот за криминалистичка полиција, обвинителството и екипи од Институт за судска медицина обезбедени се докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со други слични случаи во кумановскиот регион.Поради сличностите во изборот на жртвите и начинот на извршување, се испитува дали станува збор за убиства извршени од ист сторител. За една од потенцијалните жртви е наредена ексхумација и обдукција, при што се подигнати траги и ДНК-материјал за вештачење.Осомничениот е лишен од слобода и му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје. Истрагата е во тек, а дел од доказните дејствија засега не се соопштуваат поради тајноста на постапката.

Македонија | пред 3 седмици

policiska-lenta

Постојат сомнежи дека 25-годишник извршил повеќе убиства: се продлабочува истрагата по убиството на жената во Челопек

Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишно лице осомничено за кривично дело убиство по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.Според наводите, во периодот од 27 јануари до 12 февруари 2026 година, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, осомничениот со умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот жена родена во 1947 година. Тој ја искористил околноста што жртвата живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во куќата, таа спиела, по што физички ја нападнал и ѝ нанел повеќе тешки телесни повреди, од кои починала.Со координирани дејствија на обвинителството, Министерството за внатрешни работи и екипи од Институт за судска медицина обезбедени се докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановскиот регион.„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат. Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката“, велат од Обвинителството.Осомничениот е лишен од слобода и му е определена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје. Истрагата е во тек, а дел од доказните дејствија засега не се соопштуваат поради тајноста на постапката.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Украина предупредува: Пјонгјанг учи модерно хибридно војување од руската војна

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во моментов околу 10.000 севернокорејски војници се наоѓаат на територијата на Русија, оценувајќи го тоа како „екстремно опасен“ развој на настаните.Во интервју за јапонската новинска агенција Кјодо Њуз, Зеленски посочи дека станува збор за војници кои стекнуваат искуство во современо војување преку руските операции против Украина. Според него, тие учат како да се бранат од проектили и различни видови беспилотни летала, вклучително и ФПВ-дронови и дронови со оптички влакна.Тој предупреди дека стекнатото знаење најмалку ќе биде пренесено назад во Северна Кореја, што претставува долгорочен безбедносен ризик.Изјавата доаѓа во време кога западните разузнавачки служби укажуваат на продлабочена воена соработка меѓу Москва и Пјонгјанг, вклучително и испораки на оружје и муниција.Во однос на мировните преговори, Зеленски нагласи дека Украина е подготвена на „вистински компромиси“, но не по цена на независноста и суверенитетот.„Подготвени сме да разговараме за компромиси со Соединетите Американски Држави, но не и да прифаќаме руски ултиматуми“, изјави тој, додавајќи дека самото разговарање со, како што рече, агресорот претставува значаен компромис.Тој оцени дека руската позиција не нуди компромис, туку ултиматум, посочувајќи дека Украина е подготвена да разговара за запирање на воените дејствија врз основа на сегашните линии на фронтот, и покрај тоа што, како што рече, Русија окупира речиси 20 отсто од украинската територија.Во интервјуто, Зеленски се осврна и на односите со Јапонија, нагласувајќи дека потенцијалната одбранбена соработка меѓу двете земји би можела да биде „историска“. Тој посочи дека Јапонија располага со технологии и системи за противвоздушна одбрана способни да одговорат на балистички закани, додека Украина може да понуди знаење од областа на поморските дронови, кибер-безбедноста и управувањето со критична инфраструктура во услови на војна.Зеленски упати покана до јапонската премиерка да ја посети Украина, истакнувајќи дека е подготвен и за возвратна посета на Јапонија со цел продлабочување на билатералната соработка.

Свет | пред 3 седмици

media-library0mqu9voku8bq8ihODBh

Опозицијата со споредба: Хрватска, Словенија и Црна Гора имаат постари владини авиони

СДСМ реагираше на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со староста на владиниот авион, наведувајќи дека леталото не е најстаро во регионот и дека споредбите покажуваат поинаква слика.Од партијата посочуваат дека македонскиот владин авион е стар околу 20 години, додека владиниот авион на Хрватска е стар 27 години, словенечкиот 23 години, а црногорскиот исто така 27 години. Сите овие земји, наведуваат од СДСМ, редовно ги користат своите летала за службени патувања.Во реакцијата се наведува и пример од Соединетите Американски Држави, каде што, според достапни податоци, просечната старост на флотата на „Јунајтед ерлајнс“ изнесува 15,4 години, при што дел од авионите се стари и до 35 години и секојдневно извршуваат комерцијални летови.СДСМ оценува дека отворањето на темата за набавка на нов и поголем авион е несоодветно во услови кога, според нив, минималната плата во земјата е меѓу најниските во регионот и Европа. Според партијата, фокусот треба да биде ставен на економската состојба на граѓаните, а не на прашања поврзани со луксуз и комфор на функционерите.

Свет | пред 3 седмици

media-library8ge20cac0os82xj8TN2

Принцезата Ана во посета на затвор, без изјави по апсењето на Ендру

Членовите на британското кралско семејство денеска продолжија со своите јавни обврски, само неколку часа по апсењето на Ендру Маунтбатен-Виндзор. Неговата сестра, Anne, Princess Royal, ја посети казнено-поправната установа ХМП Лидс во Западен Јоркшир, без да дава изјави за медиумите.Седумдесет и петгодишната принцеза ја реализираше претходно планираната посета на затворот, додека кралот и кралицата на одвоени настани се соочија со прашања поврзани со Ендру Маунтбатен-Виндзор, на кои не одговорија.Два автомобила, од кои едниот наводно ја превезувал принцезата, пристигнале во затворот со полициска придружба околу 14:30 часот. Од кралската палата засега нема официјален коментар во врска со најновите случувања.

Свет | пред 3 седмици

siljanovska-davkova-1

СДСМ: Наместо за авиони, Сиљановска да зборува за најниските плати во Европа

СДСМ со реакција ја критикуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по нејзините изјави во врска со користењето на владиниот авион, оценувајќи дека наместо за летала, треба да се зборува за економската состојба на граѓаните.Од СДСМ наведуваат дека претседателката досега најмногу го користела владиниот авион и дека не соопштува колку тоа ги чини граѓаните. Според партијата, наместо да се отвора прашањето за набавка на поголем или поудобен авион, фокусот треба да биде ставен на ниските плати, поскапувањата и животниот стандард.Опозициската партија тврди дека минималната плата во државата е најниска во регионот и меѓу најниските во Европа, посочувајќи дека предлогот за минимална плата од 600 евра не наидува на поддршка од власта. Во реакцијата се наведува и дека летовите со владиниот авион можат да чинат и до 40 илјади евра, што, според СДСМ, е значително повеќе од комерцијален лет во економска класа.СДСМ поставува и прашање дали претседателката разговарала со своите колеги од регионот за економската состојба на македонските работници и нивниот животен стандард. Според партијата, во јавноста се отвораат теми за луксуз и авиони, додека прашањата за платите и социјалната сигурност остануваат во втор план.Од СДСМ порачуваат дека приоритет треба да бидат граѓаните и нивниот стандард, а не, како што наведуваат, луксузот на функционерите.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarytd89qso8222p1uMqAoD

Десет лица под истрага за марихуаната запленета во Србија

Десет лица ќе бидат опфатени со кривична пријава во врска со марихуаната што беше запленета во Србија, од кои двајца веќе се наоѓаат во притвор.Во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, при што постојат основани сомненија дека осомничените лица се директно или индиректно поврзани со производство и транспорт на дрога.Според информациите, истрагата утврдила поврзаност на пријавените со транспортот на дрогата што беше запленета на територијата на Србија, а постапката продолжува во координација со надлежното обвинителство.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryi3jf2rmth9944Z9v0SB

Кривична пријава за уште еден поранешен градоначалник

Одделението за внатрешни работи Кавадарци поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против С.Н. (29) од Росоман, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.Според информациите, во периодот од август 2024 до септември 2025 година, пријавениот, во својство на градоначалник на Општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување, при што од буџетот на општината биле противправно прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари.Средствата, според пријавата, биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н., со што, како што се наведува, била предизвикана штета на општинскиот буџет.Предметот е во постапка пред надлежното обвинителство.

Македонија | пред 3 седмици

media-library83lkert1v73neqXRUSk

Европа ги заострува препораките за патување во Иран: Доналд Туск предупреди на можен судир по засиленото американско воено присуство

Полска денеска ги повика своите државјани итно да го напуштат Иран поради наглото засилување на американското воено присуство на Блискиот Исток, што ги зголеми стравувањата од директен судир со Техеран, објави „Политико“.Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека граѓаните под никакви околности не треба да патуваат во Иран и апелираше веднаш да ја напуштат земјата. Тој предупреди дека можноста за евакуација може брзо да се затвори и дека во рок од неколку часови таква опција можеби веќе нема да биде возможна.Предупредувањето доаѓа во момент кога администрацијата на Доналд Трамп сигнализира подготвеност за можна ескалација. Во изминатите недели, Соединетите Американски Држави распоредија две ударни групи носачи на авиони – USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford – заедно со десетици напредни борбени авиони и придружна опрема во регионот.Во исто време, во Женева продолжуваат нуклеарните разговори меѓу САД и Иран, додека тензиите растат и поради бран антивладини протести. Околу 250.000 луѓе се собраа во Минхен на 14 февруари по повик на прогонетиот опозициски лидер Reza Pahlavi, а паралелни протести се одржаа и во Торонто и Лос Анџелес.Полската препорака следува по слични предупредувања од Италија, Германија и Шпанија, како и од Кипар, кој ја подигна својата препорака на највисоко ниво, со порака граѓаните веднаш да ја напуштат земјата. Европските влади постепено ги менуваат препораките од „избегнувајте патување“ во „заминете“, додека американските сили се концентрираат во Персискиот Залив.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryfdvu0vbd3h6l2aFFODu

Дванаесет цариници огласени за виновни за земање поткуп на граница

Основниот кривичен суд Скопје денеска објави неправосилна пресуда во предметот со кодно име „ПРЕМИН“, што го застапуваше Специјализираното одделение при ОЈО-ГОКК за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.Со пресудата, дванаесет обвинети – царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран – се огласени за виновни за кривичните дела примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување. Четворица од нив се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на осуммина им се изречени условни осуди. Дополнително, четворица обвинети кои на почетокот на главната расправа го признале делото, биле осудени на ефективни казни затвор од две до две години и осум месеци.Судот на 14 лица им изрече и мерка забрана за вршење должност на службено лице во времетраење од две до осум години, индивидуално определена.Во однос на имотната корист, судот делумно го прифати предлогот на обвинителството за конфискација. Одземени се 18.230 евра, 263.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари. Дел од паричните средства му се вратени на еден од обвинетите.Од ОЈО-ГОКК најавија дека ќе поднесат жалба по писменото добивање на пресудата, изразувајќи незадоволство од висината на изречените казни и од обемот на конфискуваните средства.

Македонија | пред 3 седмици

media-library3kjf825dn45t9KR8fQu

Од титули до притвор: Како врската со Епстајн го одбележа падот на Ендру

Долгогодишната поврзаност на Ендру Маунтбатен-Виндзор со осудениот педофил Џефри Епстајн, која траеше повеќе од две децении, веќе го чинеше кралски титули, статус и углед, а денес доби нова правна димензија – тој е уапсен под сомнение за недолично однесување при вршење јавна должност.Според неговите претходни изјави, со Епстајн првпат се сретнал во 1999 година преку Гислејн Максвел, тогашна партнерка на Епстајн и ќерка на медиумскиот магнат Роберт Максвел. Веќе во 2000 година, Максвел и Епстајн биле меѓу гостите на прославата на 40. роденден на тогашниот принц Ендру во замокот Виндзор, организирана од кралицата Елизабета Втора. Тоа бил само еден од низата документирани контакти меѓу Епстајн и Маунтбатен-Виндзор, кој од 2001 до 2011 година ја извршувал функцијата британски трговски изасланик.Во интервју за емисијата „Њузнајт“ на Би-Би-Си, Ендру изјави дека не бил близок пријател со Епстајн, тврдејќи дека се запознале преку Максвел. Оваа изјава беше во спротивност со тврдењето на неговиот тогашен приватен секретар Аластир Вотсон, кој во 2011 година изјави дека Ендру го познавал Епстајн уште од деведесеттите години.Според податоци од таканаречените „Епстајнови списи“, дневниците на летови покажуваат дека во февруари 1999 година Ендру го посетил приватниот карипски остров на Епстајн. Во истите документи се наведува дека во летото истата година Епстајн и Максвел престојувале и во Балморал, шкотската летна кралска резиденција.Во текот на 2000 година, Епстајн се појавувал на повеќе јавни настани со Ендру, вклучително и во клубот „Мар-а-Лаго“ на Флорида. Во декември истата година, Ендру организирал ловечки викенд по повод роденденот на Максвел, на кој присуствувал и Епстајн, иако подоцна тврдеше дека станувало збор за „обичен ловечки викенд“.Случајот дополнително се продлабочи по обвинувањата на Вирџинија Џуфре, која тврдеше дека во 2001 и 2002 година Маунтбатен-Виндзор ја принудил на сексуален однос додека била малолетна. Тој доследно ги негираше обвинувањата. Епстајн во 2008 година призна вина во Флорида за поттикнување малолетничка на проституција и беше осуден на затворска казна, по што во 2009 година беше ослободен.И покрај тоа, во 2010 година Ендру беше фотографиран со Епстајн за време на прошетка во Централ парк во Њујорк. Подоцна изјави дека средбата била организирана за да го прекине контактот. Сепак, електронски пораки објавени во 2025 година покажаа дека комуникацијата продолжила и по тој период.Скандалот кулминираше во 2019 година, кога Епстајн беше уапсен во Њујорк под обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Во август истата година беше пронајден мртов во затвор, а обдукцијата заклучи самоубиство. Контроверзното интервју на Ендру за „Њузнајт“ предизвика силни реакции, по што тој се повлече од јавните должности.Во 2021 година Џуфре поднесе граѓанска тужба против него, која во 2022 година заврши со вонсудска спогодба. Износот не беше објавен. Во 2025 година Џуфре изврши самоубиство, а во постхумно објавени мемоари повторно изнесе тешки обвинувања.Истата година Маунтбатен-Виндзор се откажа од користење на титулата војвода од Јорк по разговор со кралот Чарлс Трети, а на почетокот на оваа година се исели од резиденцијата во Виндзор.Најновите документи објавени од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави содржат фотографии и наводи дека за време на мандатот како трговски изасланик наводно проследувал чувствителни владини и комерцијални информации до Епстајн. Според американските власти, токму тие наводи се основата за неговото денешно апсење, со што случајот добива нова и сериозна правна фаза.

Свет | пред 3 седмици

01102021_PVRSM_Zaev_MON_Carovska_obrakanje-za-novata-akademska-godina_9

Кога нема одговор за скандалите – веднаш Заев и нова измислена афера, вели СДСМ за власта

СДСМ со реакција обвини дека, како што наведуваат, кога нема одговор за актуелните скандали, владејачката партија веднаш отвора нови, според нив, измислени афери и лажни вести со цел дефокус на јавноста.Од партијата посочуваат дека повторното споменување на Зоран Заев, кој веќе пет години не е активен во политиката, претставува обид за пренасочување на вниманието од актуелните прашања. Според СДСМ, во јавниот дискурс се користи идентична реторика, со квалификации за „панична и хистерична реакција“, што, како што велат, укажува на недостаток на аргументи.Во соопштението се наведува дека, кога нема одговор за наводите во странските медиуми во врска со мигрантите, се отвора нова афера, кога се поставува прашањето за состојбата во буџетот и тендерските постапки, се пласираат други теми, а истото се случува и во контекст на случаите поврзани со модуларната болница, канабис-индустријата и други актуелни настани.СДСМ оценува дека во изминатите два месеца во јавноста биле пласирани повеќе различни наративи, кои според нив имаат за цел да создадат конфузија и да го прикријат одговорот на суштинските прашања поврзани со управувањето со државата.Од партијата додаваат дека, како што наведуваат, вистината не може да се надмине со лаги и медиумски конструкции и порачаа дека правдата ќе победи.

Македонија | пред 3 седмици

orce-nikolov-maloletnicki-tepacka

Три лица приведени по тепачка во Охрид

Секторот за внатрешни работи Охрид соопшти дека на 18 февруари 2026 година во 21 часот на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид биле приведени И.Д. (50), Ј.Н. (35) и Ф.Д. (43), сите од Охрид.Полициските службеници постапиле по претходна пријава за нарушување на јавниот ред и мир со меѓусебна расправија, при што, според информациите, Ф.Д. физички го нападнал Б.Д. (21) од Охрид.По целосно документирање на настанот, против инволвираните ќе следува соодветна пријава.

Охрид | пред 3 седмици

eZy-Watermark_26-08-2023_12-38-51-1800PM

Возач од Струга приведен со 1,61 промили алкохол, му е одземено возилото

Секторот за внатрешни работи Охрид информира дека на 18 февруари 2026 година во 22 часот, на магистралниот пат Струга–Вевчани, во близина на Струга, полициски службеници го лишиле од слобода Т.К. (54) од Струга.При сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „фолксваген пасат“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал приведениот. По преземените мерки било утврдено дека управувал под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,61 промили алкохол во крвта.По насоки на јавен обвинител, лицето било исклучено од сообраќај, возилото му било одземено, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување моторно возило“.

Охрид | пред 3 седмици

media-libraryau88q70v30a96JugMqo

Сиљановска-Давкова: „Без мајчиниот јазик не сме луѓе“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, истакнувајќи дека македонскиот јазик е темел на националниот идентитет, култура и колективна меморија.Таа нагласи дека прогласувањето на 21 февруари од страна на УНЕСКО има за цел подигнување на свеста за значењето на мајчиниот јазик како „матична клетка“ на идентитетот и традицијата. Според претседателката, мајчиниот јазик не е само средство за комуникација, туку духовен дом во кој се чуваат вредностите, спомените и достоинството на еден народ.Сиљановска-Давкова предупреди дека во светот постојат околу 7.000 јазици, од кои многу се соочуваат со притисоци, нерамноправност и закана од исчезнување. „Кога исчезнува некој јазик, згаснува нечиј живот“, порача таа, нагласувајќи дека грижата за јазикот значи грижа за опстанокот на нацијата.Претседателката повика на правилна и доследна употреба на македонскиот јазик во сите државни институции, во образованието и во медиумите, како и на избегнување непотребни странски заемки. Таа се заложи за проширување на мрежата на лекторати, поддршка на научни и образовни проекти, континуирана едукација и вложување во дигиталната присутност на јазикот.Во говорот, таа потсети и на делото на Светите Кирил и Методиј, на Охридската книжевна школа, на Свети Климент и Свети Наум, како и на современата кодификација на македонскиот стандарден јазик. Јазикот, истакна, е и мост кон иднината, во кој се вградени искуствата на минатите генерации и стремежите на идните.Сиљановска-Давкова посочи дека почитувањето на јазичната разновидност во државата ја зајакнува културата на дијалог и толеранција, создавајќи општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.„Додека живее јазикот, постои и народот“, порача претседателката, честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Македонија | пред 3 седмици

media-library0f1861ola06bfUhVzcq

(Видео) Врховен судија сведочи дека бил разрешен откако одбил да го потврди затворот за Јанкуловска за „мерцедесот“

Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд, а денес адвокат, за првпат во емисијата „Претрес со Ландов“ јавно проговори за причините за неговото разрешување во 2020 година од страна на Судскиот совет.Катевеновски посочи дека формално бил разрешен во контекст на случајот „Кочан“, но тврди дека вистинската причина била неговиот став во врска со предметот за набавката на службеното возило „мерцедес“, во кој поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше осудена на затворска казна.Во разговорот во „Претрес“, Катевеновски појасни дека како судија добил предмет од Специјалното јавно обвинителство и дека, според неговата оценка, во конкретниот случај недостасувале клучни елементи за постоење на кривично дело злоупотреба на службена положба.„За злоупотреба мора да има доказ за штета или за корист. Овие два елемента не беа исполнети“, рече тој.Катевеновски нагласи дека не го потпишал предлогот за потврдување на пресудата и дека пред колегите изнел мислење дека предметот треба да биде укинат. Според неговото тврдење, само еден ден по изнесувањето на таквиот став, бил разрешен, а одлуката за предметот ја донел друг судија.На прашањето дали смета дека по секоја цена морало да се потврди предметот затоа што потекнува од Специјалното јавно обвинителство, Катевеновски одговори дека не се покајал за својата одлука и дека и денес би постапил исто.„Не само за Јанкулоска, туку за било кој – правично судење“, истакна тој, додавајќи дека принципите на правдата не зависат од личноста, туку од доказите.Случајот повторно ги отвори прашањата за притисоци врз судиите и за начинот на одлучување во предмети со висок јавен интерес.Во Претрес ексклузивно слушате за високо профилни случаи меѓу кои и за групата од Грчец:

Македонија | пред 3 седмици

media-library2usa516otu319IXcNE8

Легализацијата на дивоградбите продолжена до 2031 година

Собранието денеска по скратена постапка ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои рокот за легализација се продолжува за уште пет години, односно до март 2031 година. Измените се однесуваат исклучиво на објекти изградени до 2011 година за кои веќе е поднесена документација, а не отвораат можност за нови барања.Законот беше донесен со 67 гласа „за“, пет „против“ и без воздржани, по иницијатива на Управниот одбор на ЗЕЛС, кој побара продолжување на рокот поради незавршени судски и управни постапки. Според парламентарното мнозинство, станува збор за техничко продолжување со цел да не се прекинат илјадници предмети што се во тек, без финансиски импликации и без создавање нови случаи.

Македонија | пред 3 седмици

miteva-pres-3

Марија Митева со остра реакција кон Жерновски: „Тужбата е отфрлена, фактите се јасни“

Портпаролката на Владата, Марија Митева, со остра реакција се огласи во врска со изјавите на Андреј Жерновски и партијата СДСМ, оценувајќи дека станува збор за, како што наведе, „панична и хистерична реакција“.Митева посочи дека интегритетот на Жерновски во македонската политика, според неа, е компромитиран, алудирајќи на неговите политички трансфери низ годините. Таа обвини дека неговото позиционирање во партиските тела има единствена цел – создавање негативен наратив и фрлање, како што рече, „кал“ врз политичките противници.Во однос на наводниот „скандал“, Митева истакна дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски била отфрлена, а барањето за надомест на штета одбиено како неосновано. „Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста“, наведе таа.Портпаролката нагласи дека, за разлика од СДСМ, никогаш не манипулирала со граѓаните и дека нејзиниот јавен настап се темели на факти и личен интегритет. Според неа, актуелните реакции од опозицијата произлегуваат од страв од одговорност и одговори на, како што посочи, отворени прашања поврзани со криминал и корупција.Митева упати и прашање за случајот со 40 тони марихуана, барајќи одговори кој сè бил инволвиран и каде води постапката. Таа оцени дека јавноста заслужува факти и отчетност, наместо, како што наведе, политички театар.Воедно ги отфрли обвинувањата дека некој управува со судовите, тврдејќи дека таквите практики припаѓаат на минатото. „Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти“, порача Митева, додавајќи дека политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryti58g8i38u11dj9NnjX

(Видео) Портпаролката Митева ја предизвика јавноста да ја оцени дебатата со Жерновски

Портпаролката на Владата, Марија Митева, преку јавна објава повика граѓаните да посветат внимание на актуелните политички дебати. Во видеото кое таа го сподели вели дека ќе се воочи разликата помеѓу политичарите. Таа сподели дел од дебатата со Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ.„Знам дека многумина од Вас поради вакви дебати одбираат да не следат политика, но верувајте ми дека ова видео го заслужува Вашето внимание... Одвојте време, изгледајте го до крај, за да потврдиме уште еднаш дека со гооодини во Македонија многумина со празни флоскули без суштина и никакво познавање се дел од политичкиот пејсаж и врз основа на тоа се креира генерална перцепција за учество во политиката и градење доверба. Но, наша обврска е да покажеме разлика! *Имам една дилема: дали мојот соговорник му се обрати со "брат" на новинарот на самиот почеток?“, напиша Митева.

Настани | пред 3 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања